Каматите најверојатно ќе останат на истото ниво, но само до крајот на оваа година. Македонската Народна Банка (НБРМ) засега нема да прави корекции на референтната стапка и покрај сигналите од американските ФЕД и Европската Централна Банка (ЕЦБ). Во моментов каматите за кредитите се на историски најниско ниво, се движат од околу 3% за станбените до 6% за потрошувачките.
„Во Македонија ние секогаш водиме сметка нашата референтна каматна стапка да има одредена маргина во однос на каматната стапка на европската Централна Банка. Фактот што ЕЦБ нема во догледен период да ја зголемува својата каматна стапка дава уверување дека и ние во догледен период нема да имаме потреба да ја зголемуваме нашата референтна каматна стапка“ изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.
За разлика од нас Америка веќе постепено ги зголеми каматите, а Европа почнува со постепено намалување на количината на пари во оптек и најверојатно од следната година ќе почне и со зголемување на каматите.
„Ги следиме сите економски параметри – каков е платниот биланс, каква е фискалната политика, какви се вкупните ризици во македонската економија. Ние тоа го следиме на дневно ниво и во зависност од тоа ја поставуваме нашата монетарна политика. Но, во моментов амбиентот е доста поволен за монетарната политика“ објаснува Богов.
Народната Банка не очекува дестабилизација на глобалната економија. Оценката е дека минатонеделниот пад на американските, а потоа и на азиските и европските берзи е моментално прилагодување – светските финансиски пазари влегуваат во нов циклус на монетарни корекции.
„Македонската економија сепак треба да биде внимателна , треба да биде добро подготвена. Изминатиов период и ние презедовме низа мерки со кои што го зајакнавме банкарскиот сектор. За владините финансии веќе имаме намалување на буџетскиот дефицит во последните неколку години. Верувам дека во наредниот период ќе дојде до стабилизирање на јавниот долг“ смета Богов.