Народната банка на Република Македонија објави конкурс за изработка на едукативна игра (веб/мобилна апликација).
Едукативната игра (веб/мобилна апликација) ќе биде наменета за пошироката јавност, но пред сè за младата популација. Преку играта младите ќе имаат можност да се забавуваат, да пројават поголем интерес за областа на економијата и финансиите и да го збогатат сопственото знаење. Едукативната игра треба да биде создадена согласно со возраста на целната група. Изработката на најдобра едукативна игра ќе се спроведе во две фази:
Во првата фаза авторите треба да изработат идејно решение во рок од еден месец од објавата на Конкурсот;
Во втората фаза авторите треба да изработат едукативна игра (веб/мобилна апликација) во рок од три месеци од прифатеното идејно решение.
Во првата фаза се очекува авторите да достават идејно решение во кое ќе биде опишана едукативна игра (веб/мобилна апликација) преку слики и текстуално. Секој автор што ќе достави идејно решение коешто ќе биде прифатено од страна на Комисијата за избор на едукативна игра, ќе се смета дека ги прифаќа условите наведени во Конкурсот. Вработени од Народната банка ќе соработуваат со сите автори коишто ќе достават идејни решенија, ќе ги насочуваат авторите во однос на содржината и текстуалниот дел во игрите за да можат заеднички, преку консултации, да го развијат конечниот производ (едукативната игра). Идејните решенија за видовите едукативна игра им се оставаат на имагинацијата на авторите.
Краен рок за доставување на едукативните игри е 13 март 2018 година.
На избраните автори ќе им се додели награда за едукативна игра (веб/мобилна апликација), и тоа: за прво место 50.000 денари, нето; за второ место 25.000 денари, нето; и за трето место 15.000 денари, нето. Наградите ќе бидат доделени по завршувањето на Конкурсот на јавен настан во организација на Народната банка.
Наградените едукативни игри ќе бидат поставени на интернет-страницата на Народната банка.
За подетални информации, заинтересираните можат да се обратат на електронската пошта: [email protected].