Охрид, 18. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – „Унапредување на средното стручно образование“ беше тема на настанот што се одржа денес во Охрид, во организација на Министерството за образование и наука (МОН), a со поддршка на Општина Охрид.
– Ја поддржувам секоја промена што е во насока на општествен напредок па оттука неминовно е да се применува дуалното образование во стручните училишта со цел квалификуваните кадри да можат да се вработуваат во компании во својата земја, порача градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков.
Интересот кај бизис секторот да учествува во спроведувањето на образовниот процес во средните стручни училишта постојано се зголемува и тоа особено ме радува, бидејќи заедничкиот пристап гарантира успех и сигурно постигнување на целта – да создадеме што поквалитетни ученички генерации. Менторите од компаниите многу им помагаат на наставниците во стручната подготовка на младите и ја подигнуваат нивната спремност за брз и успешен настап на пазарот на трудот. Така се намалува невработеноста, а тоа е општествен интерес и врвен приоритет на државата, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
– Денеска во Охрид и Струга го продолживме дијалогот со кој МОН втора година по ред го унапредува средното стучно образование и ги креира уписните политики. Со компаниите, општините и училиштата дискутиравме за утврдување на потребите од одредени стручни кадри во овој регион и воведување на соодветни стручни профили во средните училишта, кои, заедно со низа други мерки и стимулации како доделување стипендии, гарантирано работно место по дипломирање и слично, би ги привлекле младите да се запишат и стручно да се образуваат, рече Шаќири.
Радува фактот што, како што рече министерот, интересот на компаниите да се вклучат во овој процес е огромен.
– Тоа ни го потврди и прашалникот што го спроведе МОН пред да го започне дијалогот оваа година, кој го одговорија околу 400 компании. Дури 90 % од овие комапнии, се изјаснија дека подготвени да се вклучат во дуалното образование, односно да примаат ученици на пракаса во учебната 2022/23 година. Така што, бизнис заедницата е клучна во спроведувањето на концептот на дуално образование и драго ми е што сакаат да учествуваат во тоа, истакна Шаќири.
Министерот уште еднаш посочи дека во учебната 2021/22 година, како резултат токму на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ од вкупно 10.683 ученици запишани во средно стручно образование, 1.400 ученици го избрале дуалното образование. Бројот на дуални паралелки беше зголемен од 11 на 97 со вклучени над 200 компании. Информираше дека помеѓу најбараните струки се машинската, електро-техничката, хемиско-технолошката, економско-правна, трговска и шумарско-дрвопреработувачка.
– Нашите очекувања се дека за следната учебна година ќе имаме уште поголем број на компании кои ќе учествуваат во дуалното образование. Убеден сум дека овој процес ќе вроди со плод и за 2022/23 година заедно со стопанските комори, локалните самоуправи и средните училишта ќе ги отвориме побаруваните струки во секој регион, изјави министерот.
Пред присутните се одржа презентација на Анализата на податоци за соодветноста на постојните и потребните профили за работа. На настанот присуствуваа претставници од Центарот за стручно образование и обука, претставници од компании, директори на средни стручни училишта и претставници од меѓународни организации. (Крај)