Банките располагаат со доволно девизна готовина и девизи и менувањето се одвива непречено, информираа денеска од Македонската банкарска асоцијација (МБА) која ги обединува сите банки во земјава. Велат дека има доста шпекулациии во последниот период во однос на тоа прашање.

„Во врска со шпекулативните и невистинити информации коишто се пласираат во јавноста во изминатиот период, поврзани со движењата на менувачкиот пазар и девизниот курс ги известуваме граѓаните дека менувачките работи кај банките се одвиваат непречено. Банките располагаат со доволно девизна готовина и девизи за задоволување на сите потребите на граѓаните. Притоа, курсевите по кои се спроведуваат трансакциите се транспарентни, јавно објавени на секое менувачко место и се на стабилно ниво, велат од МБА.

Апелираат граѓаните непотребно да не се изложуваат на трошоци менувајќи ги своите денарски средства во девизи, притоа водени единствено од шпекулациите и лажните вести, присутни во овој период.

„Уште еднаш потсетуваме дека банкарскиот систем е високо капитализиран и ликвиден и како и во досегашниот период има потенцијал за справување со шокови и натамошна поддршка на компаниите и граѓаните, стои во соопштението.