Војната веќе удри по македонските земјоделци. Од Украина нема нарачки, а веќе една седмица цената на земјоделските производи е во слободен пад. ИРЛ направи преглед на компаниите со руски капитал во земјава и на компаниите што имаат трговски врски со Русија и Украина. Анализираме и како новата европска војна ќе ги доосиромаши македонските граѓани кои веќе силно ги чувствуваат последиците од енергетската криза и глобалната пандемија.
Најголемата руска банка Сбербанк се повлече од Европа. Московската берза не работи , цената на гасот е со историски високи цени со што европејците ќе купуваат рекордно скап енергенс. Светските западни влади воведоа серија економски санкции од кои што најзначајна се смета исклучувањето од СВИФТ инструментот. ИРЛ направи преглед на компаниите со руски капитал во земјава и на компаниите што имаат трговски врски со Русија и Украина, со цел да ги утврдиме размерите на ефектите врз македонската економија. Анализираме и како новата европска војна ќе ги доосиромаши македонските граѓани кои веќе силно ги чувствуваат последиците од енергетската криза и глобалната пандемија
Извозниците на ум да ги заменат македонски шофери со украински
Војната веќе удри по македонските земјоделци. Од Украина нема веќе нарачки, а веќе една седмица цената на земјоделските производи е во слободен пад. Блажо Витанов од компанијата „Империја фрут“, која се занимава со извоз на земјоделски производи, веднаш ќе ги почувствува ефектите затоа што „Империјал фрут“ извезува раноградинарски производи.
„Моите кооперанти се уплашени. Кај нив постои голем страв дека вложените пари во производството нема да им се вратат. Тешко ќе биде и за мојата фирма. Работам пред сè со Украина и кај нашите камионџии нема расположение да возат натаму. Се разгледува можноста украински возачи да дојдат по робата“, вели Блажо Витанов од „Империјал фрут“.
Истражувачката репортерска лабораторија преку документите добиени од платениот сервис „Импорт џиниус“ (Import Genius), кој обединува глобални информации за увоз, извоз и меѓународни трговски записи, утврди дека најголем извоз од земјава кон Русија во последната година имало во три индустрии: текстилната, фармацевтската и земјоделската.
Огромна е неизвесноста и во вториот по големина извозен сектор во Русија – фармацевтскиот. Ова доаѓа по одлуката како санкција да се примени исклучување на дел од руските банки од системот СВИФТ кој овозможува брзо и евтино меѓубанкарско плаќање низ целиот свет.
„Досега немало пракса на исфрлање земји од системот СВИФТ, поради тоа не сме во можност да предвидиме какви импликации тоа ќе донесе. Дефинитивно ќе се усложнат работењето и наплатата, но не сме сигурни дали ќе се оневозможат во целост“, велат од компанијата „Алкалоид“ која има фирми и во Украина и во Русија.
Увоз и извоз со Украина и Русија во 2021 година по сектори/Извор: Државен завод за статистика
Превозниците се преплашени, малите држави први ќе ги „гази“ зголемената европска конкуренција
Превозниците се први што ги чувствуваат последиците од воени активности на одредени територии во Европа. За нив не постои можност да прават резерви, а ако сакаат да опстанат мора да се движат.
Од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ велат дека кризата ја чувствуваат повеќекратно. Сè уште не можат да се справат со силниот удар од енергетската криза, а војната ги удира со нови зголемени цени на нафтените деривати, зголемени трошоци на превозот, зголемена конкуренција на европскиот транспортен пазар поради поголема понуда на превозници отколку понуда на производи за превоз.
Згора на сè, тука се и ризиците по живот.
„Зголемен е ризикот при вршење превоз кон деловите кои се опфатени со воени активности. Нè чека конкуренцијата која ќе биде немилосрдна и на штета на превозниците кои се од малите држави како што е нашата“, велат од „Макам-транс“ за ИРЛ.
„Штетите што ќе настанат и настануваат ќе бидат огромни, но различни кај секој превозник“, предупредува Асоцијацијата. Иако е рано за компрехензивни податоци за финансиските штети , факт е дека веќе се намалува обемот на превоз, се зголемуваат трошоците, се намалува сигурноста за наплата на побарувања од извршените превози, вака од „Макам-транс“ ги опишуваат тешкотиите со кои ќе се соочат превозниците како и сите останати правни субјекти на кои прометот драстично ќе се намали.“
Македонско-руска стопанска комора: Извозот кон Русија е мал, но штетите ќе бидат големи
Од Македонско-руската стопанска комора посочуваат дека главната грижа е дека македонски производи, особено свежите раноградинарски, за кои сезоната допрва почнува, ќе почувствуваат посилни ефекти. Тука ги вбројуваат и домашното вино, производите од преработувачката индустрија, но и фармацевтските производи. Предупредуваат дека сме и целосно зависни од рускиот гас.
„Макпетрол“: Обезбедивме гас од „Газпром“, нема да има пречки
Сепак, домашните увозници на гас, пак, сметаат дека нема да се соочат со особен проблеми во набавка на енергентите Домашната компанија „Макпетрол“, која увезува природен гас од Русија, смета дека санкциите кон руската компанија „Газпром“ нема да влијаат врз снабдувањето со овој енергент, кој инаку го користат околу 60 фирми и институции, затоа што тие веќе ги обезбедиле количините гас.
„Нема никакви пречки во снабдувањето со природен гас. За сите наши потрошувачи, односно компании со кои имаме долгогодишна соработка, снабдувањето со гас се одвива непречено бидејќи уште минатата година ги обезбедивме потребните количини“, велат од „Макпетрол“.
Во овој момент има одлука неколку банки од Русија да бидат исклучени од системот СВИФТ преку кој околу 11 000 банки извршуваат 90 отсто од увозно-извозните плаќања.
Сива зона во СВИФТ
Според објаснувањето на Народната банка, македонските банки ќе можат да работат со оние руски банки кои не се предмет на санкции. Оние компании што работат со руски банки кои се исклучени од платежниот инструмент СВИФТ имаат опција да отворат сметки во оние банки кои не се под режим, затоа што не сите руски банки се под санкции. Цел се контроверзните банки за кои западните држави сметаат дека се користат за перење пари на државниот врв на Русија и за други илегални операции.
Прочитајте го цел текст на ИРЛ
Известува: Горан Теменугов; Дополнително известување: Александра Денковска; Дајана Лазаревска; Илустрација: Лука Блажев