Директорката на Државен пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска информира дека цената на зејтинот во моемнтов е формирана преку продажната цена кај трговците на мало, односно да биде еднаква со набавната цена кај трговците на големо.

За периодот што следи, Димоска појасни и која ќе биде цената на зејтинот.

-Моментално е набавната цена на рафтовите. Сметам дека понатаму нема да биде многу повисока. Зејтинот понатаму ќе чини до околу 10% повеќе, максимално до 110 денари, зависно од производителот, зависи дали имаме пакувања од 0,8 литри, 0,9 или еден литар, рече директорката на ДПИ во емисијата „360“.

За моменталната цена од 94 денари по литар во некои продавници, Димоска вели дека најверојатно се резерви што трговците ги имаат направено од претходно и затоа маслото за јадење во моментов се продава по таква набавна цена.

Димоска уште еднаш повтори дека нема да има недостаток од зејтин и дека нема простор за паника.

-Празните полици во делот со зејтин по супермаркетите беше поради паниката, што од најавите за растот на цените на енергенсите, цената на струјата и одмрзнувањето на цените на основните продукти, така и поради војната во Украина, појасни Димоска.