Податоците за растот на индустриското производство кои денеска ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека индустријата закрепнува и го забрзува растот.

Во јануари 2022 година беше забележан раст од 0,7% во однос на јануари 2021 година, додека овој месец порастот изнесува 6,3% во однос на истиот месец лани.

Според податоците од Државниот завод за статистика највисок раст гледано по сектори бележат рударство и вадење на камен 25,2%, снабдување со електрична енергија, пареа и климатизација 9,6% и преработувачката индустрија 4%.

Во главните индустриски групи, производството во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, бележи пораст кај трајни производи за широка потрошувачка за 61,5%, енергија за 14,6%, интермедијарни производи, освен енергија 14,6% и капитални производи за 3,2%.

Владата продолжува да ја следи економската состојба во државата и да интервенира на соодветен начин преку разни мерки и механизми кои ќе го поттикнат економскиот раст и развој.