Здружението на градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора предлага итна и неодложна средба со владини претставници на највисоко ниво со цел да ги презентираат нивните последни предлози за надминување на проблеми во градежништвото за кои веруваат дека се соодветни во овој момент да помогнат за опстанок на голем број компании.
Од Здружението апелираат надлежните институции да се заложат за изнаоѓање мерки за поддршка на градежните компании кои, како што велат, се во незавидна состојба и чиј опстанок е доведен во прашање.
Како што истакнува претседателот на Здружението Андреа Серафимовски во пишано соопштение до медиумите основните градежни материјали бележат значителен раст на цените, а она што загрижува, додава, е што е неизвесен крајот на поскапувањата.
-Анализата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите покажува дека на пример, во периодот од март 2020 до март 2021 година цената на челичните профили и цевки порасна за 33 отсто. Во периодот од март 2021 до јуни 2021 година за дополнителни 33 отсто, а до крајот на годината и до 95 отсто. Од почетокот на пандемијата до крајот на 2021 година поскапувањата кај оплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ESP, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминаа 50 отсто и со особено изразен интензитет продолжија и од почетокот на оваа година, вели Серафимовски.
Нагласува дека проблемот со поскапувањата ги засега сите сегменти на градежништвото и високоградбата и нискоградбата, а исто така и приватните вложувања и јавните инвестиции.
-Проблемот иако се манифестира во сите сфери, најмногу се чувствува во доменот на јавните набавки. Кај тековните јавни набавки има проекти кои се реализираат три, пет и повеќе години, при што кај набавките со фиксни цени, компаниите работат во услови на непроменети цени договорени пред неколку години и неможност на корекција на цените, додека кај набавките каде има пропишано клизна скала не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста, појаснува Серафимовски.
Кај јавните набавки, пак, кои се пропишани и евалуирани, но не се започнати, како што вели, проблемот е што цените кои се пропишани и евалуирани и пред еден месец повеќе не се исти со оглед дека од ден на ден се зголемуваат што доведува до тоа компаниите да ги откажуваат понудите, а сето тоа предизвикува импликации од правен и економски карактер врз нив кои тешко може да ги поднесат имајќи ги предвид актуелните состојби.
-Голем проблем се и новите јавни набавки со оглед дека условите по кои се пропишуваат се оние услови кои ги имавме една, две, пет и десет години, т.е. во услови кога нормално се живееше и работеше и не соодветствуваат со денешните состојби. Поради тоа, се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата и се создава неизвесност во градежништвото што може да доведе и до пропаѓање на голем број тендерски постапки, посочува Серафимовски.
Истакнува дека до претседателот на Владата и заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, како и до ресорниот министер во пишана форма ги доставиле предлозите кои се однесуваат на методологијата за пресметка на разлики во цени во договорите за градење и, како што вели, очекуваат дека овој пат ќе имаат слух и ќе ги разгледаат барањата на секторот кој е еден од двигателите на македонската економија.
-Уште еднаш апелираме и нагласуваме дека со усвојувањето на мерки за поддршка за градежните компании, бенефит покрај стопанството ќе има и државата и граѓаните, преку повлекување на ангажманот на уште дваесетина други стопански гранки кои директно и индиректно се поврзани со градежништвото, зголемување на економската активност, како и задржување на работните места кои во градежништвото изнесуваат околу 7 отсто од вкупно вработените лица на ниво на државата, нагласува Серафимовски во пишаното соопштение до медиумите.