Германската влада ги пренесе управувачките права над претпријатието Газпром Германија, германската филијала на рускиот државен концерн Газпром, на една сојузна агенција за да спречи ликвидација на претпријатието и да го зачува домашниот пазар на гас. Поради економската војна на Русија и Западот, Газпром својата германската подружница во кратко време ја пренесе на неколку различни претпријатија, а потоа на 1 април беше најавена и итна доброволна ликвидација на Газпром Германија.
На таа најава, германските власти, од страв за судбината на претстојните договори за долгорочна испорака на руски гас, одговорија со потег без преседан и ја предадоа Газпром Германија на управување на сојузната агенција за мрежни системи.
„Одредувањето на управител служи на зачувувањето на јавната безбедност и редот и зачувувањето на снабдувањето. Чекорот беше крајно неопходен“, кажа министерот за стопанство Роберт Хабек, пренесува германскиот портал Еуроактив.
Потегот на германската влада следи откако надлежните министерства за време на викендот се обидуваат да го фатат редоследот на настаните, откако беше регистрирано дека Газпром Германија за кратко време сменил неколку сопственици.
Филијалата беше во целосна сопственост на руски Газпром експорт, а потоа на 25 март нејзините акции ги презема компанијата Газпром експорт бизнис сервисис (ГЕБС). Германските власти соопштија дека не е јасно кој стои зад таа компанија.
Потоа од ГЕБС 0,1 отсто од акциите на Газпром Германија преземала фиктивната офшор компанија Палмари, чии сопственици и менаџери германските власти исто така не успеале да ги идентификуваат. Газпром потоа соопшти дека повеќе не е сопственик на Газпром Германија.
Берлин на 1 април дознал дека на Газпром Германија ѝ е наложено итно да прогласи доброволна ликвидација.
Доколку менаџерите на Газпром Германија спроведоа постапка за ликвидација, би била доведена во прашање судбината на долгорочниот договор за испорака на гас кој германските претпријатија го склучиле со Газпром Германија, како партнер.
Станува збор за многу поволен договор кој бил склучен многу пред рускиот напад на Украина и рекордното поскапување на енергенсите, и во таквите договори обично постои и заштитна клаузула која спречува преголемо осцилирање на цените.
Кога станува збор за германските закони, за секое пренесување на сопственичките права над претпријатијата од областа на „клучната инфраструктура“ потребна е дозвола од министерството за стопанство, што не се случило. Во страв од нови обиди за манипулација со германската филијала на Газпром, германската влада се одлучила на потегот без преседан.
Германската агенција за мрежни системи ќе управува со Газпром Германија до 30 септември 2022 година, а сè уште не е познато што потоа ќе се случува со германската филијала на Газпром. Агенцијата за мрежни системи како сојузна агенција во министерството за стопанство е задолжена за електричната и гасната мрежа, телекомуникациите, поштата и железницата.
Шефот на таа агенција Клаус Милер изјави дека се свесни за одговорноста преку управувачките права кои им се доделени да обезбедат снабдување со гас.
Милер и неговата агенција добиле многу големи овластувања над Газпром Германија, вклучувајќи ја и надлежноста да го менуваат неговото раководство, но и, ако така одлучи владата, по пазарна цена да ги продаваат складиштата за гас на Газпром во Германија.
Газпром Германија е многу значајна и надвор од границите на Германија, бидејќи работи и во други европски земји, на пример во Чешка и Швајцарија, кажа министерот Хабек. Сепак, не е познато дали Германија ги консултирала или информирала владите на тие земји за своите намери.
Милер, меѓутоа, кажа дека неговата агенција планира да го води Газпром Германија во интерес на Германија и Европа и да обезбеди сеопфатна безбедност на снабдувањето со гас.