Деновиве пензионерите во земјaва ги подигнуваат мартовските пензии, кои се зголемени за дополнителни илјада денари, како антикризна мерка за справување со поскапувањата на производите во малопродажбата кај највозрасните граѓани. И следните две пензии што ќе легнат на сметките на пензионерите ќе бидат со бонус од илјада денари, за што пензионерите велат дека се добредојдени и од големо значење во овие непредвидливи денови, кога од ден на ден продуктите во продавниците добиваат нагорна линија.

Покрај антикризните бонуси, Владата и пензионерите договорија пензиите да се усогласуваат со движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во висина од 50 проценти. Дали новата пресметка ќе донесе позитивни вибрации за пензионерите и како до подобар животен стандард за сите пензионери, но и како оваа мерка ќе влијае врз пензискиот фонд, дискутиравме со претставници од Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија и со економисти.

Од Сојузот на пензионери потенцираат дека со најавените измени на законските одредби, усогласување на пензиите ќе има двапати во годината, и тоа од 1 март и од 1 септември секоја година, што сметаат дека позитивно ќе влијае и ќе придонесе за подобар животен стандард на пензионерите.

– Со новите измени ќе имаме усогласување на пензиите двапати годишно. Првото зголемување на пензиите со новите законски измени ќе се изврши на 1 септември 2022 година, а растот на пензиите ќе биде дефиниран врз основа на податоците објавени од Државниот завод за статистика за раст на трошоците на животот и порастот на платите од јануари до јуни 2022 година во однос на порастот на трошоците на животот и платите во претходното полугодие (јули-декември 2021 година). Па, така, ако трошоците на животот се зголемат за 4 проценти, а платите за 5 проценти, тогаш по основа на трошоците на животот ќе имаме раст од 2 отсто, а по основа на плати 2,5 проценти, или вкупно 4,5 отсто.
Досега, во период од 2019 до 2021 година, трошоците на животот растеа побавно од порастот на платите, а бидејќи пензиите се усогласуваа со порастот на трошоците на животот, пензиите заостануваа зад порастот на платите. Првото поголемо усогласување се изврши од 1 јануари 2022 година, за 2,9 отсто, бидејќи во периодот до јули до декември 2021 година трошоците на животот значително пораснаа. Сега, со измената на законските прописи во делот на усогласување на пензиите, е предвидено да имаме раст на пензиите врз основа на растот на трошоците на животот и врз основа на растот на платите, и на тој начин очекуваме дека ќе имаме поголем раст на пензиите, со што би се овозможил подобар животен стандард за пензионерите – вели Менка Темелковска, секретарка при Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.

Темелковска објаснува дека не може да се знае како ќе се одвива движењето на економските индикатори во иднина за порастот на трошоците на животот и порастот на платите и затоа не може да се дефинира колкав ќе биде растот на пензиите во септември, но, сепак, се очекува дека ќе има усогласување на пензиите.

Од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија посочуваат дека ги следат економските индикатори што имаа влијание врз висината на пензиите и предлагале соодветни мерки и активности за подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија. За таа цел, Сојузот има доставено информација за усогласување на пензиите со предлози за начинот на усогласување на пензиите до Владата на Републиката и Министерството за труд и социјална политика.

– Во предлозите, Сојузот даде мислење дека пензиите треба да се усогласуваат комбинирано со дел од порастот на платите и дел на порастот на трошоците, бидејќи доколку пензиите се усогласуваат според еден индикатор, само со порастот на трошоците на животот, а порастот на платите е многу повисок од порастот на трошоците на животот, ќе дојде до заостанување на пензиите во однос на платите и обратно. Со комбинирано усогласување ако едниот параметар заостанува се дополнува со другиот, односно се воспоставува баланс во определувањето на процентот на усогласување на пензиите, а со тоа се обезбедува подобра материјална и социјална сигурност на корисниците на пензија. Сојузот направи и компаративна анализа за начинот на усогласување на пензиите во земјите од нашето опкружување со кои имаме слични пензиски системи. Имено, во Словенија усогласувањето на пензиите се врши од 1 јануари секоја година со процент од порастот на платите од 60 отсто и со процент од порастот на трошоците на животот од 40 проценти. Во Хрватска усогласувањето се врши со 30 отсто од порастот на платите и 70 проценти од порастот на трошоците на животот, во Србија соодносот е 50 со 50 отсто, а во Црна Гора 75 отсто од порастот на трошоците на животот и 5 проценти од порастот на платите и обратно, за да се зема поповолниот процент од движењето на овие параметри. Генерално, сите земји од поранешна Југославија имаат комбиниран систем на усогласување на пензиите со трошоците на живот и со растот на платите – појаснува Темелковска.

Во согласност со податоците што ги објавува и Фондот за пензиско и инвалидското осигурување на Северна Македонија, во земјава околу 80 илјади се пензионери што примаат најниски пензии, односно се во групата на најмали пензии, од кои во третата група спаѓаат 53.000 пензионери.

– Во третата група се пензионери со најмал пензиски стаж и нивната пензија е 10.791 денар. Треба да појасниме дека во оваа група влегуваат пензионери што плаќале осигурување на најниска основица и притоа имале и минимум години стаж, нивната основица за пресметка на пензијата не е осумдесет проценти, туку 35-40 отсто. Ова значи дека ако им се пресметаат во согласност со законот, нивните пензии ќе бидат и пониски, но бидејќи законот им гарантира минимум исплата, тие добиваат минимална пензија. Со ова, на овие пензионери од старт им се дава повеќе отколку што уплатиле во фондот за пензиско осигурување – потенцира Темелковска.

Што се однесува до поплаките од граѓани дека дел од стажот не можат да го докажат во Пензискиот фонд и им се пресметува пензија на помала основа, или со помалку години отколку што работеле, нашата соговорничка потенцира дека сега поставеноста на системот ги гарантира годините што граѓаните ги поминале на работа и со сигурност може да се докаже работниот стаж, ако е платен придонесот и за тоа имаат документи.
Од СЗПМ посочуваат дека со измените очекуваат пензиите во иднина да растат пореално отколку досега, а истовремено ќе се овозможи подобар стандард за пензионерите. Во согласност со последните податоци на Фондот за ПИОМ, во февруари имало вкупно 326. 646 пензионери и од нив најголем дел се приматели на старосна пензија, или 221.226 лица.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ посочуваат оти постигнатата согласност за усогласувањето на висината на пензиите, според просекот на порастот на трошоците на животот и порастот на просечната плата, и одлуката на Владата да додели тримесечен додаток за покривање на зголемените трошоци се коректни.

– Сегашното приспособување не ја нарушува патеката на стабилизација на ФПИОСМ, која почна по 2019 година, и обезбедува зачувување на животниот стандард на пензионерите. Тримесечниот износ е линеарен за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата. Иако наменското зголемување е оправдано, за ублажување на негативните последици од кризата, сепак тоа е форма на ад хок зголемување и е надвор од пензискиот систем и идни вакви зголемувања треба да се рационализираат само кон примателите на пониски пензии – пишува во анализата на „Фајненс тинк“.
Од институтот укажуваат дека Фондот за ПИОСМ е зависен од централниот буџет и највисока зависност имал во 2017 година, кога 43 отсто од вкупните расходи за пензии биле покриени од централен буџет.

– Од 2018 година, дефицитот почна да се намалува како резултат на почитување на правилото за раст на пензиите во согласност со законски утврдените критериуми, а од следната 2019 и како резултат на реформата со која се променија стапките на социјалните придонеси и заменските стапки. Усогласувањето на пензиите е значајно за да се зачува животниот стандард на пензионерите и тоа мора да биде одредено од витални економски параметри, како движењето на цените, платите и БДП. Но секое ад хок зголемување на пензиите надвор од економските параметри претставува опасност за дефицитот во пензискиот систем да се зголемува со неодржлива стапка – појаснуваат од „Фајненс тинк“.