Задоволство од драстично зголемениот интензитет во одбранбената соработка меѓу Македонија и Грција во последните две години, што дава сериозен придонес во регионалната безбедност, изразиле министрите за одбрана на Македонија и Грција Славјанка Петровска и Никос Панајотопулос на нивната средба на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
– Македонија и Грција ја делат истата визија за безбеден, стабилен и просперитетен регион, била констатацијата на двајцата министри, според Министерството за одбрана на Северна Македонија, а Петровска упатила благодарност за недвосмислената поддршка од Грција за нашата европска перспектива.
Двајцата министри, по средбата истакнаа дека разговарале за низа теми и за унапредување на соработката.
-Грција е извонреден сојузник и пријател на Македонија. Планот за билатерална соработка во одбраната годинава предвидува 42 заеднички активности од кои дел ќе бидат реализирани во Македонија, а дел во Грција, што е јасен приказ на новото драстично повисоко ниво на посветеност на заедничката одбранбена соработка со акцент на специјалните сили, НАТО стандардизацијата, сајбер одбраната, заедничките обуки и вежби. Круна на взаемната доверба е воздушното патролирање на небото на Македонија како дел од колективната одбрана на НАТО кое е доверено на грчките сојузници, како и учеството на Грција во најголемата вежба која годинава ќе се одржи на Криволак, „Swift response 22”, рече министерката Петровска на средбата.
-Со мојата колешка, министерката за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска на Делфи форумот, разговаравме за натамошното унапредување на нашата одбранбена соработка, ер полисинг од НАТО, обемната програма за воена соработка, обука и вежби, напиша Панајотопулос на Твитер.
Како што соопштија од Министерството за одбрана на Северна Македонија, двајцата министри, зборувајќи за безбедносната ситуација во Европа и воениот конфликт во Украина, се согласиле дека „единството на сојузниците во НАТО во осудата на воениот конфликт, во одлучноста за одвраќање и одбрана и во солидарноста со украинскиот народ, е поцврсто од кога било“.
Министерката Петровска, денеска учествуваше на панел дискусија на Форумот во Делфи, а освен со Панајотопулос, имаше средба и со министерката за надворешни работи и вицепремиерка на Косово Доника Гервала Шварц.
Утре ќе се сретне и со американскиот заменик- помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Габриел Ескобар,со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан Мирослав Лајчак, и со претседателот и основач на ГЛОБСЕК, Роберт Вас.