Купувачите бараат станови, куќи, плацеви. Од агенцијата Дојран Билдинг Инвестмент велат дека Дојран од одморалиште за работници станува монденско место и се менува типот на купувачи кои пројавуваат интерес да поседуваaт имоти во градот. Засега старите станови се продаваат за 1.100 евра по квадрат, а новите се со цена до 1.050 евра, но нив ги има помалку од побарувачката. Во градот се градат нови 150 станови, кои треба да бидат готови после повеќе од година дена. На продажба се ставени и вили и апартмани. Купувачите пак се од другите градови од Македонија.

„Јас сум задоволен од тоа како оди работата, и можам да кажам за неполна година имаме продадено 100 имоти, и тоа станови, куќи, плацеви, и еден хотел. Има голема побарувачка за недвижен имот во Дојран. Купувачите се во 80 отсто од случаите луѓе од Скопје, 10 отсто се од Куманово и 10 отсто од Струмица. Интересно е тоа што мнозинството купувачи се на возраст над 60 години. Им се допаѓа Дојран затоа што има убава клима, езерото е полно со јод и е добро за оние кои имаат белодробни заболувања, мирно е, а воедно блиску им е Кукуш и Солун, доколку имаат потреба да пазарат нешто или да одат на шопинг“, вели Николчо Митковски, сопственик на агенцијата за недвижен имот Дојран Билдинг Инвестмент.

Тој додава дека најатрактивни за купувачите се локации во Стар Дојран и во населбата Карач. Ако станува збор за станови, купувачите најчесто ги бараат оние со површина од 40 до 60 квадрати.

„Единствено треба малку да се поработи на инфраструктурата, а целата процедура по купување на имоти и плаќање на даноци во општината оди брзо и тука се многу експедитивни, што е за секоја пофалба“, додава Митковски.

Иако бројот на постојани жители е мал, за време на летната сезона во Дојран има околу 25.000 луѓе.

Во земјава изминатиот период скокнаа цените на недвижниот имот поради поскапените градежни материјали. Скопје и Охрид стандардно се места каде се бара стан повеќе. Но, новите трендови покажуваат дека и Дојран станува атрактивен.