На трговците на мало им препорачуваме во овој период да продаваат масло за јадење согласно просекот што е потребен за едно домаќинство, односно максимум три литри месечно согласно податоците кои ги добиваме од анализите на Државниот завод за статистика. Сега само во регионот на Струга и Охрид имаме речиси три пати поголема потрошувачка на масло за јадење од претходно, посочи вечерва министерот за економија Крешник Бектеши за Тв Телма.
Тој потенцира дека како Влада и Министерство за економија сакаат да ги користат сите механизми за да имаме редовно снабдување со суровини и со готови производи со цел граѓаните да имаат можност да купуваат производи кои им се потребни.
– Непотребното купување на големи количини масло за јадење, како што истакна, може да ја влоши состојбата и да влијае на цената заради зголемената побарувачка, а понудата останува согласно сите проценки кои биле направени од страна на производителите и трговците кои увезуваат рафинирано масло за јадење. Според него, купувањето големи количини масло за јадење од маркетите се прави или за шверц и трговија или,пак, за извоз од земјава и препродавање на сивиот пазар. Масло за јадење во нашата држава има. Се прават соодветни контроли и доколку не се пушта масло во малопродажба тоа е недозволиво согласно Законот за заштита на потрошувачите. Денеска разговарав со сите производители на масло за јадење и со повеќето национални синџири на трговци во нашата држава и беше посочено дека за повеќе од два пати е зголемена побарувачката во однос на просечната потрошувачка од минатите години и од претходните месеци. Тоа значи дека непотребно се купува масло за јадење. Ако се купува масло за јадење на пакети или палети трговците треба да го известат Државниот пазарен инспекторат за да се преземат соодветни чекори, рече Бектеши.
Укинувањето на царинската стапка од 29 отсто за увоз на масло за јадење, како што појасни, се однесува за билатералните договори кои ги имаме со одредени земји, а во рамките на ЦЕФТА и ЕУ и досега нема царина за таа намена. Смета дека цената на маслото за јадење ќе остане во рамките од 115 до 135 денари колку што е во моментов во маркетите, ако се земе во предвид дека веќе е обезбедено снабдување со суровини за производство на масло за јадење од Бугарија, а се очекува во текот на неделава да се укине и забраната за извоз на рафинирано и нерафинирано масло за јадење од Србија. (Крај)