Цените на нафтата паднаа во четвртокот на меѓународните пазари на 107 долари во мирното тргување пред Велигденските празници, бидејќи неочекувано силниот раст на залихите во САД го турна во втор план намаленото снабдување.
На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 1,52 долари во однос на претходното затворање и изнесуваше 107,26 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 1,38 долари пониско, по 102,87 долари.
„Пазарот беше помалку активен од вообичаено поради продолжените викенди во Европа, Америка и поголемиот дел од Азија, а помалиот број активни клиенти беше еден од факторите кои ги намалија цените“, коментира Рикардо Евангелиста од ActivTrades, нагласувајќи го растот на акциите во Соединетите Држави.
Залихите на сурова нафта во САД пораснаа за 9,4 милиони барели минатата недела, покажа вчера владиниот извештај на Вашингтон, многу посилен од очекуваното.
„Сепак, изгледите за цените на барелот продолжуваат да сигнализираат за раст бидејќи побарувачката продолжува да расте, а понудата е тесна“, посочува Хари.
Залихите на бензин паднаа за 3,6 милиони барели, многу повеќе од очекуваното, а намалени се и залихите на деривати.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) во средата предупреди дека санкциите против Русија поради нејзината инвазија на Украина и куповниот јаз од руските пратки може да блокираат приближно три милиони барели руска нафта дневно од мај.
Големите светски трговски куќи планираат да го ограничат купувањето на сурова нафта и гориво од руските државни нафтени компании во мај, објави во средата Ројтерс.
Шансите ЕУ да воведе ембарго на руската нафта можеби се нула, но никој нема да може јасно да го каже тоа, изјави Вандана Хари од Ванда инсајтс.
„И континуираните закани ќе бидат доволни за да се задржи премијата на ризик“, додаде Хари.
Организацијата на земјите извознички на нафта(OPEC) денеска одделно објави дека барел нафта на нејзините членки во средата чини 106,07 долари, што значи дека поскапел за 3,66 долари во однос на претходниот трговски ден.