Покрај малата цена на откупено јагне, ненавремената исплата на субвенциите, се поскапата храна, сопствениците на матични стада овци како најголем проблем го потенцираат се помалиот интерес на жителите во земјава да бидат овчари.
Претседателот на Здружението на сточари од кичевско Ајрадин Бајрами, потенцира дека интересот за оваа професија е целосно замрен и сите сопственици на матични стада овци мака мачат како да обезбедат овчари кои ќе се грижат за нивното стадо.
– Ниту високите плати од 500 до 700 евра не се доволна стимулација поединци од помладата генерација, кои не успеале да го решат егзистенцијалното прашање на друг начин, не се заинтересирани да се бават со овчарство. Сосема мал е бројот на овчари и повеќето од нив се од постара генерација, а поднов речиси и да нема. Што е најчудно ниту децата на сопствениците на матични стада овци се заинтересирани да се бават со овчарство, дури и тие со немањето на интерес за оваа сточарска гранка, придонесуваат сопствениците често да се откажат од овчарството, бидејќи тешко излегуваат на крај со големите обврски кои ги носи одржувањето на овие стада овци, вели претседателот Бајрами.
Тој наведе дека во одредена мерка состојбата ја амортизираат со овчари од соседна Албанија, но како одминува времето и тие се помалку се заинтересирани да се занимаваат со оваа сточарска гранка и се почесто заминуваат во Германија, каде за подобра плата се занимаваат со друга дејност..
Напомна дека еден помал дел овчари од земјава се ангажирани и надвор од земјава, поточно во Хрватска, каде нивните плати се движат до 1000 евра со платен престој и исхрана.
– Сите ја избегнуваат оваа професија, но се многу заинтересирани да се сладат со првокласно овчо сирење, какво што се произведува во нашиот регион, вели претседателот, кој го наведе и сопствениот пример со дефицит од овчари.