Цената на јагнето жива мера во моментов е околу 160 – 200 денари за килограм. Производителите очекуваат нејзино зголемување за претстојните велигденски празници, но се уште не прецизираат колкаво ќе биде поскапувањето.
-Цената на јагнешкото месо оваа година е релативно ниска, зашто сите репорматеријали и храната двојно поскапеа. Јас го продадов моето јагне од првиот турнус по 160 денари за килограм. Очекувам дека јагнешкото ќе поскапи за празниците и дека откупната цена во шпицот ќе надмине 200 денари, но ќе видиме, зашто домашниот есап на пазарот не излегува, вели Петре Пешов, сточар од Виница кој има околу 300 грла.
Според него, на нашите граѓани им е побитна цената, од квалитетот.
-Цената на јагнето е флуктуирачка и постојано расте, секој ден. Не би можел да кажам конкретна вредност во моментов, но околу 200 денари е откупната цена и постојано расте. Реалната цена ако се земат предвид производните трошоци, би била над 230 денари. Производната цена не се покрива веќе години наназад и тоа е една од причините за падот на овчарството во земјава. За велигденските празници очекуваме вкупната цена да се зголеми. Продажната цена во месарниците сега е 400 – 500 денари, истакна претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар”, Никола Георгиев.
Производителите велат дека потрошувачката на јагнешко во земјава е ниска и достигнува околу 10 000 јагниња, додека извозот е 170 000 грла годишно.