Енергетската транзиција што ја спроведува Владата ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со енергенси, одржливост на енергетскиот систем, на среден и на долг рок, и ќе биде праведна за сите граѓани, рече премиерот Димитар Ковачевски, во своето излагање на Економскиот форум во организација на „Finance Think“.
„Секоја криза претставува можност. За таа цел, беше изработена Стратегија за транзиција на електро-енергетскиот систем. Пред десеттина дена ја пуштивме првата фотоволтаична централа на старите наоѓалишта на јаглен во ‘Осломеј’. Тоа е државна инвестиција што е помогната од ЕБОР. Тука веќе се планирани и ќе почнат со градба уште две од по 50 мегавати фотоволтаични централи, што ќе бидат изработени врз основа на концептот на јавно приватно партнерство со компании од Турција (‘Фортис’) и од Бугарија (‘Соларпром’) и уште една од 10 мегавати, која ќе биде во сопственост на ЕСМ. Со тоа ќе се заменат 120 мегавати од работата на ‘Осломеј’ од јаглен со 120 мегавати моќност на фотоволтаични централи од обновливи извори на енергија и тоа е прв пример во Југоисточна Европа“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека во втора фаза е проектот „Чебрен“, за кој рече дека е монументален историски проект што го воделе веројатно сите влади.Како што рече Ковачевски, веќе има девет понудувачи кои деновиве се на теренско разгледување на просторот каде што тоа треба да се прави, за рамноправно да учествуваат на тој тендер. Премиерот нагласи дека очекува втората фаза да успее и да имаме избрано изведувач.
„Основа на македонската енергетска транзиција која ја спроведува Владата е ефикасното искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата. Северна Македонија ќе ги следи добрите практики на политиките на Европската Унија, како сериозен партнер во реализацијата на Европскиот зелен договор, активности кои се однесуваат на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност како и декарбонизацијата, а во насока на зачувување на животната средина и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните’, рече Ковачевски.
Визијата на Владата во следниот период, како што нагласи, е развој на сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата.