Граѓаните да ги проверат договорите за кредити со банките за да знаат дали имаат фиксна или променлива каматна стапка, апелираат од Организацијата на потрошувачи. Реакцијата доаѓа откако од Македонската банкарска асоцијација потврдија дека по зголемувањето на каматата на благајничките записи и одлуката за задолжителна резерва од страна на Народната банка, се очекуваат корекции и на каматите на кредитите.
Банките кажаа дека одлуките ќе бидат различни од банка до банка, но праксата до сега покажала дека корекции не би требало да има само кај кредитите кои се со фиксна каматна стапка. Од ОПМ не очекуваат каматите да растат многу, но потсетуваат дека покрај за потрошувачките, автомобилските и хипотекарните кредити, корекции на каматите ќе има и кај минусите на плата и кредитните картички.
Лончар смета дека во ваква ситуација, иако секоја деловна банка сама одлучува сепак голема улога има и Народната банка.
Реакцијата на Народната банка дојде како одговор на очекувањата дека инфлацијата во земјава уште ќе расте. Централната банка за прв пат после подолг период ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, и од сегашните 1,25 сега таа ќе изнесува 1,5 проценти. Оваа камата е сигнал за банките за корекција и на банкарските камати. За експертите мерките на Народната банка беа очекувани, но велат тоа се благи мерки и прашање е дали ќе бидат доволни за забавување на инфлацијата во земјава.
Александра Филиповска