Државјаните на Србија, Албанија и Северна Македонија ќе можат да се вработат во некоја од земјите членки на „Отворен Балкан“ со добивање Идентификациски (матичен) број на Отворен Балкан“, без какви било дополнителни административни процедури, јави дописникот на МИА од Белград.
Регионалната имплементација на договорите со кои се регулира слободниот пристап до пазарите на трудот во Западен Балкан треба да започне кон крајот на мај, според информациите од Стопанската комора на Србија (ПКС), пишува белградска Нова Економија.
-Во моментов се работи на поврзување на шемите за електронска идентификација, односно подготовка на инфраструктурата во секоја од земјите потписнички на иницијативата Отворен Балкан, така што регионалната имплементација на договорот кој ќе овозможи издавање на „Идентификационен број на Отврен Балкан“, ќе започне кон крајот на мај, кога ќе бидат завршени сите технички услови, изјави Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на ПКС за Отворен Балкан.
Процесот на издавање на „Идентификационен (матичен) број на Отвoрен Балкан“ е замислен така да биде една од услугите на порталите за еУправа.
-Самиот процес е дизајниран така што вие, како државјанин на Србија, доколку сакате да го добиете вашиот идентификациски број на Отвoрен Балкан, треба да одите на веб-страницата на еУправа и да ја изберете таа услуга. Треба да ги пополнете основните информации како име, презиме, матичен број или документ за идентификација кој потврдува дека сте државјанин на земја-членка на Отворен Балкан и врз основа на овие информации, го добивате вашиот идентификациски број на Отвoрен Балкан со кој потоа можете да се вработите во една од земјите на оваа иницијатива без било какви друг дополнителни административни процедури. Тој број ви овозможува да имате ист третман во земјата во која се вработувате како и локалното население, изјави Ѓурѓевиќ.
Имплементацијата се очекува да започне кон крајот на мај, бидејќи се работи на тоа да се осигура дека сите земји-членки на иницијативата Отворен Балкан се на исто ниво подготвени за почеток на имплементацијата.
Отворен Балкан воведува идентификациски број, што ги поврзува државните е-управи. Слободниот пристап до пазарот на трудот и постапката што ќе го овозможи се регулирани, меѓу другото, со Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Договорот за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.
Договорите беа потпишани на 21 декември во Тирана од српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама.