Земјоделците од Струмичко излегоа на протест, бараат решавање на проблемите со ниските откупни цени, високите цени на репроматеријалите, почитување на договорените цени од страна на откупувачите, откупот, извозот… Велат дека има голема разлика меѓу цените по кои тие ги продаваат земјоделските производи и онаа која ја плаќаат граѓаните
Земјоделците од Струмичко се жалат на ниските откупни цени на земјоделските производи. Велат дека во однос на цените на репроматеријалите се зголемени за 200 до 500 отсто. Една вреќа ѓубриво, која лани чинеше од 500 или 600 денари, сега се продава од 1.500 до 1.700 денари. Нафтата е поскапена за 30 до 40 отсто, а зголемени се и цените на пестициди, фунгициди, препарати за прскање, семиња…
Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделци од Струмичко, вели дека во државата само откупувачите имаат ќар, а земјоделците и граѓаните кои плаќаат далеку повисока цена од онаа по која тие го продаваат земјоделските производи се во зијан.
– Откупувачите имаат најголема заработка од земјоделските производи. Има голема разлика меѓу цените по кои тие ги продаваат земјоделските производи и онаа која ја плаќаат граѓаните. Како може доматите да се откупуваат по цена од 100 до 120 денари, а на пазарите да се продаваат по дупло повисока цена од 240 денари за килограм. Слична е состојбата и со краставиците, чија откупна цена е од 60 до 80 денари, а на пазарите се продаваат по 120 до 150 денари за килограм. Најниска е цената на зелката, која се откупува за 15 денари, што е двојно пониска од минатата година кога се откупуваше по 30 денари за еден килограм, вели Велков.
Земјоделците стравуваат дали за 15 до 20 денари ќе најдат пласман на зелката со која се засадени 90 отсто од површините во Струмичко, а само 10 отсто со домати и краставици поради повисоката цена на чинење на производството.
-Годинава оранжериското производство е многу поскапо поради повисоката цена на нафтата и зголемените трошоци за загревање на оранжериите. Затоа голем дел од земјоделците површините ги засадија со зелка која поради војната во Украина и намалениот извоз за Русија, остана непродадена, вели Велков.
Од друга страна, пак, граѓаните се револтирани од високите цените на овошјето и зеленчукот. На социјалните мрежи споделуваат слики од енормни цени на овошје и зеленчук низ маркетите низ земјата.
За дел од граѓаните порастот на цените на зеленчукот е разбирлив со оглед на зголемување на цените на енергенсите, репроматеријалите…, но за други, пак, истото е неприфатливо во време на економска криза.
Земјоделците вчера масовно излегоа на протест со механизација во ценатрот на Струмица. Бараат решавање на проблемите со ниските откупни цени, откупот, извозот, како и почитување на договорените цени од страна на откупувачите.
Опозицијата го поддржа протестот на земјоделците во Струмичко и побараа Владата и Министерството за земјоделство да преземат итни мерки за да се решат проблемите со кои се соочуваат.
-Состојбите во земјоделието се алармантни и катастрофални. Репроматеријалите се отидени некаде од 200 до 500 проценти нагоре, ѓубривото е поскапено за околу 3 пати. Исто така поскапена е и нафтата, а на тој начин и обработката на земјиштето. Од друга страна откупните цени на земјоделските производи се исклучително ниски. Така пролетната зелка која најмногу се сади во овој крај, се откупува за некаде 15 до 20 денари за килограм, што е исклучително ниска цена имајќи предвид дека минатата година се откупувала за 30 до 35 денари. Бегањето од проблемите не е начин на решавање на проблемите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.