Ќе растат каматите на кредитите на граѓаните и бизнисот, и за веќе земените, но и за новите.
Покрај автомобилски, потрошувачки, станбени, корекции кај каматите ќе има и кај минусот за плата и кај кредитните картички. Одлуката за колку ќе пораснат каматите и од кога, ќе биде индивидуална од банка до банка. А сигналот дека парите мора да поскапат за да забави инфлацијата – го прати Народната банка. Ја затегна монетраната политика со одлуката да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, и од сегашните 1,25 сега таа ќе изнесува 1,5 проценти. Оваа камата е показател во кој правец треба да одат и банкарските камати и ова е прво поместување во нагорна линија на каматата на благајничките записи после подолг период. Банките велат ги следат сигналите на централната банка и ќе направат прилагодување на каматите.
„Со оглед на последователните измени на одлуката за задолжителна резерва, како и промената на основната каматна стапка, нашите членки сеуше ги разгледуваат опциите за корекција на каматните стапки. Соодветно на тоа може да се очекува дека ќе направат прилагодување на каматните стапки во согласност со своите деловни политики“, соопшти македонската банкарска асоцијација.
Од таму ги упатуваат граѓаните внимателно да ги читаат договорите кои ги имаат со банките. Велат праксата до сега покажала дека корекции ќе нема само кај кредитите кои се со фиксна каматна стапка.
„Упатуваме на внимателно читање на договорите кои корисниците на банкарски услуги ги имаат со банките, без оглед дали станува збор за кредити или депозити и утврдување на тоа дали станува збор за примена на фиксни или променливи каматни стапки. Вообичаена практика е промената на каматните стапки да не се однесува на фиксните каматни стапки се до периодот на важност на договорот за кредит и до рокот на достасување на депозитот”, соопштија од МБА.
Граѓаните внимателно да ги прочитаат договорите за кредит апелираа и од Организацијата на потрошувачи. Од таму велат дека не очекуваат корекцијата на каматните стапки да биде голема, со оглед на тоа што каматната стапка за благајничките записи се зголеми за 0,25 процентни поени.
„Граѓаните внимателнио да ги прочиаат договорите за кредит за да виидат дали станува збор за фиксна или варијабилна каматна стапка. Обично кредитите во последно време се со две години фиксна камата па потоа променлива. Корекција се очекува да има, но не голема кај тие со варијабилна каматна стапка. Тука влегуваат и старите кредити, но и минусите на плата, кредитните картички. Банките мора да ги известат корисниците на нивните услуги за промената во каматите и да им достават нов амортизационен план“, вели Маријана Лончар Велкова, од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
За експертите ова е очекуван потег на централната банка кој нема драстично да ја зголеми цената на парите, но ќе се одрази кај кредитите на граѓаните кои во најголем број се со променлива каматна стапка. Зголемувањето на каматната стапка на благајничките записи, ќе значи дека банките ќе бидат повеќе стимулирани да запишуваат благајнички записи, како поисплатлив и посигурен пласман, отколку да даваат кредити. Велат ова е блага мерка, а доколку состојбата се заостри ќе требаат и нови мерки. Даночниот експерт Павле Гацов очекува каматите на кредитите повеќе да растат од тие на депозитите.
„Тоа ќе значи покачување на каматните стапки кај деловните банки, бидејќи обично сигналот доаѓа од центраната банка. Самото покачување ќе значи и рестрикции во кредитната политика на деловните банки. Тоа ќе значи и намалување на паричната маса во оптек во сооднос понуда побарувачка. Тоа ќе значи и соодветен притисок врз инфлацијата”, изјави за „Денар“ даночниот експерт Павле Гацов.
Реакцијата на Народната банка дојде како одговор на растечката стапка на инфлацијата која во март се искачи на 8,8 отсто. Централната банка образложи дека мерката е превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период.
„Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради растечките увозни цени. На нив отпаѓа повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезен приход кај повеќе други производи и услуги, а застојот кај синџирите за производство ги поскапува и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова заедно со долготрајниот ценовен притисок од првично очекуваните придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период“, појасни Народната банка.