Во Општина Кавадарци, синоќа се одржа состанок на кој присуствуваа претставници од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, градоначалниците на општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија, претставници на здруженијата на лозари и претставници на винарии.

На состанокот се разговараше за сите предизвици со кои се соочуваат лозарите и винската индустрија. Овој состанок се одржува многу порано пред почеток на сезоната, со цел однапред да се предвиди производството, количините, откупот и цената.

Се разговараше и за новиот закон за вино кој е во подготовка. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во изминатиот период работи на нов Закон за вино со кој системот на користење на ознаките на вина ќе се прилагоди со законодавството на ЕУ што всушност значи дека ќе се зајакне улогата на здруженијата на производители на вино и грозје во делот на контролата на квалитетот на виното преку делегирање на надлежностите за користење на ознаките за квалитет на виното, од министерството на тие здруженија.

„Како министерство докажавме дека сме на страната на лозарите. Дадовме збор дека ќе го решиме проблемот со Повардарие и тоа го решивме, денес нема стари долгови кон лозарите од винариите. Сега се посветуваме на решавање и на другите прашања за лозарите преку законот за вино заеднички ќе работиме да ги решиме сите прашања. Овој закон заедно ќе го подготвуваме со двете страни и со производителите и со винариите, со цел да имаме ефикасен и применлив закон. ” – изјави Николовски.

Со новиот Закон за вино, се очекува да се зголеми сигурноста на производителите на грозје во однос на пласманот и цената на произведеното грозје преку пропишување на услови за задолжително вклучување на производителите на грозје во голем обем при регистрацијата на лицата кои ќе имаат делегирана надлежност.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при изготвувањето на новиот закон ќе ги вклучи сите засегнати страни со цел да се креира закон кој ќе биде применлив во пракса и во интерес на сите.