Без искрен, совесен и патриотски пристап го уништуваме нашиот највреден ресурс, лозарството. Експлоатирани се работната рака и маката на лозарите. Без задоволни лозари, нема лозарство, а без лозарство – нема вино. Лозарството заедно со производството на вино создаваат 15-20 % од вкупниот земјоделски БДП и претставува еден од нашите најголеми стратешки земјоделски производи, вели Кирил Лазаров, сопственик на „Никоб“ и претседател на Македонско-бугарската стопанска комора.

Според Лазаров, потребна е реална и искрена помош од надлежните.

„Драстично поскапеа струјата, нафтата, работната рака, увозните суровини. Недозволиво е цената за откуп да биде под 20 денари за килограм ‘смедеревка’ и под 25 денари за килограм ‘вранец’. Сѐ што е под оваа цена е потценување и девалвирање на работната рака и маката на лозарите. Своевремено лозарите со својот труд си градеа куќи, а денес едвај врзуваат крај со крај.

Да се напушти концептот што голем дел од винарниците го наметнуваат, а тоа е откуп по ниски цени, извозно ориентирани, со производ без додадена вредност, базиран на евтина работна сила на грбот на лозарите или кратко – профит на туѓа мака. Не бидува така, доста е.

Така нема и не може да има квалитет и задоволство кај сите.

Во винската индустрија ни требаат висок квалитет, суровина, почитувана работна рака и производ со висока додадена вредност.

И до кога лицемерство од одредени транзициски профитери, кои сега се сопственици на винарници?

Најпрвин ги купија големите винарници за да ги затворат. Денес се жалат дека немаат профит и имаат тешкотии, а во исто време купуваат скапи недвижности во Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Грција итн. Тие користат ИПАРД-фондови за подигнување нови лозови насади толчејќи го обичниот лозар со ниски цени, а на лозарите не им се достапни ИПАРД-фондови.

Не е фер!! Решение секогаш постои доколку се сака.

За почеток, еве една иновативна препорака до надлежните и тоа функционира во многу светски земји и светски индустрии. Задолжителен сертификат дека грозјето како производ е платено по фер цена. Фер откуп, фер плата за маката и работната рака и фер квалитет“, посочува Лазаров во својата објава на социјалните мрежи.