Германските компании „Хенкел“ и „САП“ му се придружија на „Стелантис“ во суспендирањето на производството во Русија поради војната на Москва против Украина.
Стелантис, сопственик на големите производители на автомобили како Фиат, Крајслер, Опел и Цитроен, најави дека производството во Калуга, јужно од Москва, ќе биде стопирано поради западните санкции кон Русија и логистичките потешкотии.
Овој потег беше неопходен за да се почитуваат санкциите и да се заштитат вработените, рече Стелантис.
Во меѓувреме, ИТ гигантот SAP, исто така, издаде соопштение во кое ги наведува понатамошните чекори да излеземе од рускиот бизнис.
SAP веќе го суспендираше својот клауд бизнис и новиот бизнис во Русија.
Хенкел, германски производител на стоки за широка потрошувачка познат по брендовите како Персил, Шварцкопф и Фа, исто така го затвора бизнисот во Русија поради војната во Украина.
Тимовите на Хенкел во Русија ќе се погрижат повлекувањето од пазарот да помине без проблеми, додека 2.500 вработени во таа земја ќе останат во работен однос и ќе земаат плата.
По нападот на Украина, Хенкел долго се двоумеше да ја напушти Русија – ги запре планираните инвестиции, како и рекламирањето и спонзорствата, но производството продолжи. Акционерите протестираа против тоа на годишното собрание на почетокот на април, наведувајќи дека престојот во Русија може да го наруши угледот на компанијата.