И додека цената на горивото кај нас нагло скокна по почетокот на војната во Украина, во САД овој скок на цената беше уште поостар и ја шокираше тамошната јавност. Претседателот Џо Бајден дури најави дека САД ќе испуштаат по еден милион барели нафта дневно од државните резерви во следните шест месеци. Ова доведе до стабилизирање на цените на горивото не само во Америка, туку и низ целиот свет.
По првичниот пад на цените, сега се стабилизира, бидејќи на 18 април просечната цена на бензинот во САД беше пониска за 2,5 центи по галон во однос на минатата недела. Тоа значи крај на намалувањето на цената на горивото, кое траеше во текот на април, а цената на галон падна за околу 25 центи.
Сегашната просечна цена на бензинот во САД е 4,06 долари за галон. Највисоки цени се на западниот брег, каде просечната цена е 5,10 долари за галон, додека бензинот е најприфатлив на југот на земјата, каде просечната цена е 3,73 долари за галон.
Дизелот во Америка е во просек за еден долар поскап за галон од бензинот и овој тренд продолжува. Просечната цена е 5,10 долари за галон, што е за три центи поскапо од минатата недела. Кога ќе се погледнат податоците, се чини дека цените на бензините и на дизелот повеќе нема да паѓаат, барем не на краток рок, а слична ситуација може да се очекува и во Македонија, која е многу зависна од светскиот пазар на нафта и нафтени производи.
Се уште не се знае како на цената на горивата ќе влијае тоа што наскоро ќе почне летната сезона кога се повеќе луѓе патуваат и заминуваат на одмор.
Традиционално, цената на горивото скока во овој период, но како што видовме по почетокот на конфликтот во Украина, развојот на нафтениот пазар може да доведе до брзи и нагли промени на бензинските пумпи.