Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски, денес ги врачија клучевите за првите четири, од вкупно 25 комбајни со сецкалки за ориз одобрени на последниот јавен повик објавен минатата година, на кои право на учество имаа сите земјоделци кои имаат минимум еден хектар со ориз.

Како што информираат од ресорното министерство, вкупната вредност на набавката е 32 милиона денари од кои 17,8 милиони денари е кофинансираната сума, обезбедена од програмата за рурален развој, преку мерката „Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства“.

„Наскоро ќе биде објавен нов јавен повик за набавка на специјални комбајни за ориз во кој за првпат ќе биде вклучена и поддршка за набавка на мобилни сушари за ориз со што дополнително придонесуваме оризопроизводителите да ја зголемат ефикасноста при собирање и чување на зрното веднаш по жетвата“, изјави Николовски.

Оризопроизводителите со новите комбајни повеќе нема да треба да ги палат остатоците од оризова слама, туку со помош на комбајнот ќе ги собираат и сецкаат.

На овој начин се влијае и во заштитата на животната средина, објаснуваат од Министерството за земјоделство.