САД ја поддржуваат брзата интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, при што, како сојузници во НАТО, двете земји ќе работат на заеднички проекти што се од големо значење за унапредување на соработката, е еден од заклучоците на средбата која министерот за финансии, Фатмир Бесими, ја оствари со високи претставници на Трезорот на САД.

САД преку Канцеларијата за техничка помош на Трезорот на САД (ОТА), ќе понуди техничка помош во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста, отчетноста на јавните финансии, се наведува во соопштението од ресорното министерство.

Во него се нагласува дека министерот разговарал со вршителот на должност заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија, Брајан Меколи, советникот на секретарот на Трезорот на САД, Брент Ниман и Вилијам Лари Мекдоналд заменик помошник на секретарот за техничка поддршка во Тезорот.

„Деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и на развојот на регионот. Притоа, активниот ангажман на САД по ова прашање би бил од клучно значење“, посочил Бесими нагласувајќи ја притоа и можноста од продлабочување на економската соработка и реализација на нови проекти во соработка со УСАИД и со Амбасадата на САД.

Двете страни се согласиле дека во моментот клучно е решавањето на енергетската криза и одржувањето ценовна стабилност како клучни фактори за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност.

Претходно министерот Бесими, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, остварил средба и со Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан.