Денеска во Кабинетот на претседателот се одржа работна средба со експерти од областа на економијата и финансиите со цел финализирање на Рамката за развој МКД2030, што се изготвува на иницијатива на претседателот Стево Пендаровски.

Имајќи предвид дека МКД2030 ја креираме преку отворен и транспарентен процес, посочи претседателот Пендаровски, особено е важно мислењето, сугестиите и консултациите со повеќе општествени чинители, а со цел изготвување на одржливи и квалитетни решенија за развојот и иднината на земјата.

„Рамката за развој е во нацрт-верзија и во таа насока би го ценеле придонесот на сите вас како истакнати експерти во областа на јавните финансии, економијата и бизнисот. Некои од вас го имаат искуството од управување со јавни финансии, а други, искуството од реалниот сектор“, истакна претседателот Пендаровски на работната средба.

Тој потенцираше дека стратешкото планирање ѝ е потребно на земјава не само како дел од законските обврски кои ги имаат државните институции, туку и како процес кој ќе има широк општествен консензус и ќе не обедини околу заедничка визија.

„Целта е во МКД2030 да ги утврдиме приоритетите во кои треба да инвестираме и каде да ги насочиме нашите ресурси. Нам ни е потребен фокус за иднината, за да оствариме напредок и да овозможиме подобар живот за граѓаните“, рече претседателот на работната средба.

Денешната работна средба е дел од финалните консултации со истакнати стручни лица од земјава и странство. Досега беа реализирани работни средби со претставници од бизнис секторот, академската заедница, граѓански и меѓународни организации и истакнати професионалци од повеќе области.

Воедно, сите граѓани имаат можност преку интернет страницата www.mkd2030.mk директно да партиципираат и да дадат свој придонес во изработката на стратешкиот документ.

Рамката за развој МКД2030 официјално ќе биде промовирана во средината на годинава.