Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) одржа работен состанок со професори од Машинскиот факултет од Скопје и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) кои со својата експертиза ќе се вклучат во изработка на новиот тарифен систем за електрична енергија со цел воведување на блок тарифи.
Како што информираат од РКЕ, професорите ќе учествуваат и во анализата потребна за утврдување на опсегот на просечната потрошувачка во поедини блок тарифи. Целта на реформата на тарифниот систем за електрична енергија е да овозможи фер цена за сите потрошувачи, и во исто време да поттикне рационално користење на електричната енергија.
-Како што најавивме, ќе ги вклучиме сите релевантни чинители во реформата на тарифниот систем за електрична енергија. Анализите и податоците кои ќе ги добиеме ќе бидат основа за реформата да биде правична и ќе гарантира заштита на потрошувачите кои рационално користат електрична енергија, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Веќе споделивме, додаде, дека првичните податоци од анализите кои ги имаме укажуваат на тоа дека има неекономично трошење на електрична енергија во време на енергетска криза од мал број на потрошувачи. Па така, освен што имаме греење на надворешни и внатрешни базени, податоците покажуваат дека 17 домаќинства на годишно ниво трошат 10 отсто од годишната потрошувачка на електричната енергија на домаќинствата.
– Во оваа реформа посебен акцент ќе се стави на редовното читање на броилата на потрошувачите со цел потрошувачите да бидат соодветно распределени во блок тарифите. Новиот модел, кој ќе биде изработен и врз базата на искуствата од останатите земји каде се користи, ќе биде димензиониран максимално да ги заштити потрошувачите со просечна потрошувачка – за нив ќе биде обезбедена пониска цена во однос на другите тарифи. Потрошувачите кои користат енормно поголеми количини на електрична енергија ќе плаќаат реална цена – посочи Бислимоски.