На сметките на 10.479 овоштари денеска се исплатени субвенциите со вкупна вредност од 434.448.813 денари по основ директни плаќања за оддржување на постоечки овошни насади.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат минимум 0,2 хектара со постоечки овошни насади и се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Висината на директните плаќања за јаболка изнесува 41.000 денари по хектар, односно 50.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари.
Висината на директни плаќања за слива и праска изнесува 36.000 денари по хектар, односно 42.600 денари за земјоделски стопанства со пријавени површини од минимум 1 до 5 хектари.
За круша, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка висината на директни плакања изнесува 33.000 денари по хектар, односно 36.600 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари.
Директните плаќања за дуња, мушмула, актинија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем и лешник се во износ од 25.000 денари по хектар, односно 30.000 денари за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари.
Финансиската поддршка за ореви и питоми костени изнесува 15.000 денари по хектар односно 18.000 денари за земјоделски стопанства со пријавена површина од минимум 1 хектар до максимум 5 хектари
Финансиската поддршка обезбедена преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе продолжи и во следниот период преку исплата на мерките од програмата за директни плаќања и ин тервентниот фонд.
Исто така, а согласно новата Програма за директни плаќања, од оваа година за прв пат стартува пилот мерка во овоштарството за линеарна субвенција. Оваа мерка е по основ на европската мерка „decoupling“, која подразбира линеарна исплата за обработлива земјоделска површина независно од културата. Новитет е што исплатата за оваа мерка ќе се врши во тековната година, во периодот од септември 2022 година до декември. Да биде појасно, сите овоштари ќе добијат авансно 12.000 денари од вкупната сума колку што изнесува основната субвенција во тековната година, односно кога им се најпотребни во ек на берба, а остатокот од основната субвенција ќе се исплати следната година како и досега. Практично, со овој модел овоштарите оваа година ќе имаат две исплати.