Во рамките на Форумот „100 дена од мандатот на новата Влада на Република Северна Македонија”што денес се одржа во Национална опера и балет, во панелот на кој министерите одговараа на поставенитe прашања, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини зборуваше за приретизацијата на областа животната средина во стратешката агенда на Владата на Република Северна Македонија. Тој истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање цврсто стои на исполнување, како што кажа, на трасираните амбициозни стратешки цели, јасно дефинирани за различните области на животната средина.
Нуредини ги најави преговорите со Европска банка за обнова и развој и Европска инвестициона банка за обезбедување на две кредитни линии (ЕБОР – 55 милиони евра и ЕИБ – 50 милиони евра). Едната за потребите за финализирање на воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпадот и циркуларната економија, а другата за водоснабдување и прочистување на отпадните води, што реално се очекува да завршат до јули месец со склучување на договори.
– Сметам дека и како Влада и како Министерство постигнавме голем успех што чистењето на линданот и неговите изомери од малата депонија во ОХИС е доведено во завршна фаза и се очекува на почетокот на месец мај да почне транспортот на првите количини на токсичниот линдан за согорување во Франција и што успеавме да ја анимираме и меѓунарoдната донаторска заедница за да обезбедиме средства за продолжување на процесот – додаде Нуредини.