Во моментов во Македонија има доволни количини нафта, енергенси и одредени прехранбени производи, увозот тече непрекинато, вклучувајќи го и оној од Украина, посебно во делот на сончогледот, вели во интервју за „Макфакс“ министерот за економија Крешник Бектеши.

Најави дека во блиска иднина е можно олабавување на одредени одлуки кои биле донесени од страна на Министерството за економија со цел, како што рече, да може да се покрие цената на извозот на одредени производи.

„Кога зборуваме за олабавување на мерките зборуваме за дозвола за извоз на одредени производи кои веќе се забранети“, појасни Бектеши.

Првиот човек во Министерството за економија оценува дека снабденоста со масло во државата е стабилна, а компаниите како што рече ги имаат соодветните залихи.

Потенцира дека во моментов нема потреба од активирање на државните резерви.

На прашањето дали Македонија е подготвена да плаќа гас во руски рубли Бектеши вели: „Секоја одлука која ќе биде донесена од ЕУ ние како Северна Македонија ќе се придружиме кон неа. Ако не треба да се плати нема да се плати. Согласно последните одлуки на НБРМ има можност за плаќање директно во рубли од Северна Македонија, но тоа не е се случува во моментов. Главно гасот се плаќа во долари и евра“, додава Бектеши.

Обелодени злоупотреби кај општините во делот на енергетскиот сектор.

Во интервјуто за „Макфакс“ министерот за економија ја коментира и најавената блокада на Собранието од страна на опозицијата.

За откривањето на споменикот во Слупчане Бектеши потенцира: Toa e вистината, тоа се случило во Северна Македонија и ние треба да гледаме во иднината и да не се занимаваме дали таму учествувале високи функционери на ДУИ или од друга политичка партија, најважно од сè е да се обединиме кон целосна интеграција во ЕУ.