Загрижени граѓани алармираат дека цената на млекото достигна и до 70 денари за литар низ продавниците во главниот град. Надлежните уверуваат дека растот во малопродажбата не се должи на раст на цената на млекото купено од фармерите, бидејќи откупот на сурово млеко од фармерите и понатаму се прави по исти цени, од 11 до 18 денари за литар млеко.
„Иако растат трошоците на фармерите бидејќи цените на ѓубривата им се значително зголемени, сепак, цената по која се откупува млекото од фармерите е иста. Зависно од количините кои ги обезбедуваат фармерите, млекото им се откупува по цени почнувајќи од 11 денари за литар. Растот на цените во малопродажба не се должи на зголемени трошоци за откуп на млеко. Дали удел имаат зголемените трошоци за нафта, струја или други трошоци не би коментирал, но сметам дека растот не е оправдан и државата треба да преземе контролни механизми за да се стопира вртоглавиот раст оти ова мошне негативно ќе влијае врз грѓаните“ – велат советници за земјоделство.
Податоците на Државниот завод за статистика за цените на проиводите во малопродажба покажуваат дека во месец март годинава сме имале просечна цена за литар млеко од 56,54 денари, но од град во град има големи разлики. Најскапа цена за литар трајно млеко во тетрапак со масленост 3,2 отсто било забележано во Битола и тоа од 58,24 денари, додека најниска цена била забележана во Велес од 59,49 денари. Во Скопје просечната цена во месец март била 56,65 денари.