Германскиот производител на оружје Рајнметал потврди денеска дека поради војната во Украина и најавените инвестиции во Бундесверот, годинава очекува силен раст на приходите, по стагнацијата во првиот квартал.
Нивниот приход бил на ниво на истиот период лани и изнесувал 1,3 милијарди евра. Консолидираната оперативна добивка порасна за 10 отсто на 92 милиони евра. Нето добивката порасна за 52 отсто на 61 милион евра.
Побарувачката расте и се зголеми за четири пати во одделот за артилерија и муниција, достигнувајќи 1,1 милијарда евра, пред се благодарение на големата нарачка муниција од Унгарија, „тешка“ неколку стотици милиони евра.
Компанијата сè уште очекува приходите да скокнат од 15 до 20 отсто оваа година, под услов владата да ги стави на располагање најавените 100 милијарди евра за модернизација на Бундесверот, со програма за вооружување која треба да трае неколку години, вели извршниот директор Армин Папергер.
Набргу по руската инвазија на Украина, Рајнметал објави список на воена опрема, вклучувајќи тенкови, камиони и муниција, кои ќе бидат достапни релативно брзо, надевајќи се дека германската влада ќе купи барем дел од тие производи.
Со оглед на заканата од Русија, Рајнметал очекува повеќе нарачки и од странство. Германскиот производител на оружје се надева дека ќе и достави на Украина оклопни транспортери Мардер и борбени тенкови Леопард, кои се стари, но можат да се модернизираат, напоменуваат тие, пренесе Индекс.хр