Стапката на инфлација во Турција во април достигна 70 отсто, а порастот на цените претставува сериозен проблем за економската политика на земјата. Најголем раст на цените е забележан во секторот транспорт, за 106 отсто, а цените на безалкохолните пијалаци и храната пораснале за 89 отсто.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и натаму инсистира на намалување на каматните стапки за да се спречи растечкиот тренд на цените. Падот на вредноста на лирата го поскапи увозот на енергија, а странските инвеститори полека се свртуваат кон други пазари.
Годишната стапка на инфлација е највисока откако на власт е партијата на Ердоган, АКП, која е на власт од 2002 година, што се должи главно на неговите неконвенционални економски размислувања, сметаат аналитичарите. Ердоган изврши притисок на Централната банка на Турција да ги намалува каматните стапки.
– Покрај зголемување на цените на храната и енергијата, станува збор и за спектакуларен неуспех на монетарната политика во Турција. Ниските каматни стапки предизвикуваат инфлација – изјави Тимоти Еш, експерт за пазарна економија.
Турскиот министер за финансии Нуредин Мебати во понеделникот изјави дека нема причина за загриженост, објаснувајќи дека моменталната инфлација е краткотраен тренд и нема да се задржи долго. Тој изрази задоволство што другите економски показатели покажуваат добар напредок, а зголемената стапка на економски раст позитивно се одразува на вработеноста.
Турската влада се обидува да ги намали трошоците на граѓаните преку намалување на даноците за некои производи и одобри субвенции за сметките за струја кај загрозените домаќинства, но тоа не влијаеше на забавување на инфлацијата.