Не треба да се тврди од страна на владата дека ова е најтешката и најдлабоката криза со која што се соочила Република Македонија последните 30 години. Прво транзициската рецесија беше многу подлабока и траеше со години, кризата што настана на економски план од војната 2001 година, понатаму кризата со глобалната рецесија 2007-2009 година, секоја криза си има свои специфичности, вели проф. д-р Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Наместо ЕУ влада, влада на должничко ропство – Потребни се политики кои ќе донесат промени и иднина“.
Славески потенцираше дека наместо владата на СДСМ да ги продолжи реформите од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, тие не направиле ништо во однос на подобрување на економијата.
Конкретно би додал дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ уште со преземањето на власта во 2006 година почна да прави реформи кои што испаднаа од денешна временска дистанца подготовки за соочување со длабоки и сериозни удари на економијата. Имено воведувањето на рамен данок, намалување на стапките на персоналниот данок од доход, данокот од добивка, оставање повеќе средства кај претпријатијата на нивно дискрециско одлучување, понатаму нулта стапка на оданочување на реинвестираната добивка од први јануари 2009, сето тоа во услови на многу ниско ниво на јавен долг и помогна на македонската економија во тие години да биде една од најуспешните во справување со кризата глобална во регионот, што сега не е случај. Наместо тоа, во периодот на преземање на власта од страна на СДСМ, наместо тие да спроведат некои реформи и да продолжат со реформи она што го направија на економски план беше зголемување на неизвесноста и нестабилноста, еден неуспешен обид за рушење на системот на рамен данок, и никакви други реформи, рече тој.
Ја критикуваа мерката на ВМРО-ДПМНЕ за субвенции во земјоделието која што сигурно можела да биде подобра за зголемување на домашното производство. Но, зошто сега во период од 4 години не направија нешто за да порасне, да се зголеми домашното производство на храна, да бидеме по подготвени сега кога настапи криза со цените на храната на светските берзи, истакна Славески.
Славески додаде дека инфлацијата не е феномен кој што настанува само од еден фактор како што тврдат од страна на владата на СДСМ.
Инфлацијата не е феномен предизвикан само од еден фактор, како сега што се тврди дека таа е увезена, не зависи ништо од тоа што тие го прават. Но, ако нас не ни веруваат нека ги погледнат документите од Меѓународен монетарен фонд пред неколку години и сега и на Светска Банка. Пред недела дена излезе извештајот за земјите од Западен Балкан за економската состојба и таму има едно посебно поглавје за Република Македонија. Уште првата реченица стои дека инфлацијата во државата се забрзува, од една страна заради растот на цените на храната и енергијата, но и поради притисокот на двоцифрениот пораст на минималната плата, рече тој.
Во однос на мерките на владата, Славески посочи дека истите не покажале резултати и дека цените на прехранбените производи и понатаму растат, а стандардот на граѓаните не е заштитен.
Не се справи владата добро со мерките во однос на замрзнување на цените, понатаму нула маржи, бидејќи се гледа дека цените и понатаму растат и се на високо ниво со што стандардот на граѓаните не е заштитен, нагласи Славески.