Државните институции и фирмите кои се под државна капа и годинава тонат во нови огромни долгови. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека по „стара песна“ си работат претпријатијата и институциите во државна сопственост кои во првото тромесечие од годинава успеале да направат долг од 392 милиони евра. На врвот на листата должници се локалните самоуправи со општинските јавни претпријатија. Нивниот долг кон државата изнесува без малку 137 милиони евра.

Државните фирми, трговските друштва во државна сопственост и јавните претпријатија имаат натрупано долг во последниве три месеци во висина од 134 милиони евра. Јавните здравствени установи пак се во долгови од 86 милиони евра. Долгови кон државата имаат и регулаторните тела и тоа 26 милиони евра.

Должници кон државата:

Општини и нивни јавни претпријатија 136,9 милиони евра
Јавните претпријатија и трговските друштва 134 милиони евра
Јавни здравствени установи 85,7 милиони евра
Регулаторни тела 26 милиони евра

Општина Тетово со години е рекордер – должник кон државата меѓу локалните самоуправи. Долгот надминува 13 милиони евра, но тој не е целосен затоа што во таа сума ги нема долговите на јавните општински претпријатија. Втор по задолженост е Охрид со 8,5 милиони, а по него Гостивар со 6,5 милиони евра. Од јавните претпријатија, Македонски железници -Транспорт има најголем долг кон државата, 67,5 милиони евра, па Железници – Инфраструктура со 23,3 милиони. ЕСМ должи близу 17 милиони. Инаку, на неколку пати Владата од државниот буџет веќе ги покриваше долговите од недомаќинското работење на општините, јавните институции и државните фирми.