Поради нестабилноста на пазарот на дигитални валути, криповалутите се нестабилна инвестиција. Дури и да остварите профит, може да се помачите додека ги добиете парите, предупредуваат експертите.

 

– За секој инвеститор, главното прашање секогаш е како да наплати. Криптовалутите се децентрализирани и нерегулирани, што може да се смета за голем успех. Но добивањето на парите може да биде голем проблем – оценува за РТ Михаил Грачев, финансиски консултант при „Телетрејд“.

Според него, ако некој ви украде пари од вашата банка, тогаш банката е одговорна.

– Ако банката банкротира, одговорна е државата што и дала лиценца. Ако некој хакер ви го ограби крипто-паричникот? За жал, тоа не е регулирано – додава Грачев.

Чувањето на вашата криптовалута само на Интернет исто така не е целосно сигурно: хакерите секогаш трагаат по пропусти и ранливи места во најголемите крипто-берзи, знаејќи дека ако успеат да украдат дигитални пари, екстремно тешко е да се најдат.

– Причините се очигледни: нова, речиси нерегулирана индустрија со висок степен на анонимност. Во случај на успешен напад, можноста за сокривање на трагите и исчезнување со парите е многу повисока од кој било друг сектор – предупредува Михаил Машченко, аналитичар во „еТоро“.