Учеството на Македонија во изградба на терминалот за течен природен гас во Александрополис за експертите нема никаква економска оправданост. Според нив, апсурдно е да вложуваме во нешто за што нема физибилити студија која ќе покаже дали проектот за нас е исплатлив или не. Ние вложуваме стотици милиони евра, а не знаеме каков економски ефект ќе има. Од друга страна, пак, тој не може да биде алтернатива за енергетска стабилност на земјава, бидејќи течниот гас е многу поскап од оној што го добиваме од Русија. И од опозицијата изразија критики за ова прашање. Во ситуација кога немаме домашни инвестиции, Владата инвестира, стотици милиони евра надвор од Македонија.

Според информациите, државата досега исплатила 10 милиони евра за купување на 10 проценти од гасниот терминал Александрополис во Грција. Веќе се потпишани меморандумите со акционерите од кои нашата држава ќе ги купи акциите. Практично, ние ќе купиме по два отсто од петте акционери на терминалот, со што ќе обезбедиме 10 отсто од акциите.

Проектот „Александрополис“ е апсурден и неисплатлив, вели поранешниот директор на „Топлификација“, Димитар Хаџимишев.

-Не треба да се вложат толку многу пари во проект за кој не постои ниту физибилити студија и дека тој не може да биде алтернатива за енергетска стабилност на земјава. Сумите кои се споменуваат се сосема спротивни од реалната сума. Тој тип на гас е четири пати поскап од овој скап гас. Терминалот за истовар е најевтината работа, а таму се споменуваат страшни бројки. Се работи за проект кој е соработка со „Прометеус гас“, која е грчко-руска компанија, односно во која 50 отсто од капиталот е на „Гаспром“, а 50 отсто е грчки капитал, изјави Хаџимишев во телевизиско гостување.
Како што вели Хаџимишев имало варијанта Македонија да прави гасна електрана во „Александрополис“, што е многу скапо и невозможно. „Само да се донесе струја од таму до тука е страшно скапо, вели Хаџимишев.

За експертите економските ефекти од гасниот терминал ќе бидат занемарливи со оглед на фактот дека американскиот течен гас е многу поскап, а цехот на крај ќе го платата компаниите и граѓаните.

Универзитетскиот професор Константин Димитров во изјава за ВЕЧЕР вели дека Македонија ќе нема речиси никаква придобивка од вложувањето во терминалот за снабдување со американскиот течен природен гас во пристаништето Александрополис.

-Одлуката Македонија да вложи стотици милиони евра во изградба на терминалот за течен природен гас е политичка и не е поткрепена со никаква студија за економска оправданост. Американскиот течен гас ЛНГ за нас ќе биде многу поскап од рускиот на кој сме навикнати и за кој компаниите имаат повеќегодишни договори. Македонија има потпишано Меморандум за транспорт на гас преку Трансјадранскиот гасовод (ТАП). Гасот од Александрополис само ќе се приклучи на тој гасовод. Економски нема да добиеме многу, вели Димитров и додава дека со овој потег Владата само им се додворува на Американците.
Тој не гледа никаква економска оправданост, бидејќи течниот гас ќе биде значително поскап, а цената на крајот ќе треба да ја платата компаниите, а не Владата.

-Ова е трета потенцијална врска која ќе биде значително поскапа. Тоа што се гради и Македонија ќе учествува како акционер навидум е добро, ама ние немаме никаква информација колкаво е вистинското учество. Доминантни сопственици се Бугарија и Грција и ако има дивиденда ние нема да добиеме ништо. Немаме деловен план колку за нас овој проект е добар или не, објаснува Димитров.
Според него, ние може да продолжиме да купуваме гас од Русија во рубљи. Ако Бугарија не сака да го плаќа гасот во рубљи не мора, ние ќе продолжиме. Од друга страна, гасоводот низ кој поминува гасот е еден вид автопат и Бугарија не смее да го затвори.

Тој прашува зошто во оваа криза е неопходно да се инвестира во Александрополис кога „ниту една линија на гас која минува низ Украина не е оштетена во војната“.

И од опозицијата изразија критики за ова прашање. Во ситуација кога немаме домашни инвестиции, Владата инвестира, стотици милиони евра надвор од Македонија.

-Политичката штета се состои во тоа што се губи суверенитетот без сопствено производство на енергија и земјата станува енергетски зависна од Грција. Се забележува дека не е јавно прикажана техно-економската студија за оправданост на овие инвестиции, бидејќи досега се објавени само бројки за тоа колку ќе потроши државата, а не се знае колку државата би добила од таквото вложување. Притоа, инвестирањето во терминалот за течен природен гас го смета за економски неоправдано, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата коментираат дека цената ја зголемува сложената постапка за негово добивање ладење заради втечнување, транспорт до ладилна станица, транспорт со бродски цистерни до терминалот, потоа загревање заради испарување и повторно компримирање за да се потисне во системот од каде и Македонија би го купувала. Значи, цената на тој продукт е значително повисока, во однос на природниот гас кој се транспортира преку ТАП.

(А.С.)