Владата ги објави платите на премиерот и на министрите. Според објавените податоци, премиерот Димитар Ковачевски зема плата од вкупно 88.260 денари, при што основицата е 78.896 денари, додека, пак, за минат труд претседателот на Владата добива 9.364 денари, а има стаж 23 години.

Според висината на платата, по премиерот следува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој прима 86.324 денари, а има стаж од 21 година. На министерот за внатрешни му се утврдува зголемување за 20 отсто за извршување на функцијата.

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, има плата од 70.478 денари, а стаж 16 години.

Славица Грковска, заменик на премиерот и задолжена за политики за добро владеење, зема 73.045 денари, а Фатмир Битиќи, кој е вицепремиер за економски прашања и координација на економски ресори и инвестиции, прима 71.762 денари. Бојан Маричиќ, кој е заменик на претседателот на Владата за европски прашања, прима 69.197 денари.

Министерот за правда, Никола Тупанчевски, зема плата од 76.252 денари и има најдолг стаж – 34 години.

Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, прима 72.083 денари.

Најниска плата зема министерот за животна средина, Насер Нуредини, и тоа 65.989 денари. Тој има стаж од само две години, бидејќи дојде од странство и тогаш го започна својот работен ангажман во земјава.