Албанија од утре ќе почне да увезува сончогледово масло од Македонија, кое претходно главно се увезувало од Украина, најави албанската министерка за финансии, Делина Ибрахимај на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот министер Крешник Бектеши во Тирана.

-Македонија утре ќе донесе важна одлука со која ќе се отвори извозот на сончогледово масло во Албанија, производ кој главно беше увезуван од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки, рече Ибрахимај, а пренесе агенцијата МИА.

Притоа таа му се заблагодари на министерот Бектеши за како што рече, конструктивните разговори и додаде дека ќе продолжат добрите односите меѓу двете земји на полето на трговијата.

Поради недостиг на масло за јадење во Албанија, чија цена е 3,1 евро, голем број албански граѓани од пограничните региони со Македонија зејтин главно купуваат во Дебар, Струга, Охрид и Ресен. И во Македонија до скоро владееше недостиг на масло за јадење. Тој беше надминат откако соседна Србија реши да дозволи извоз за Македонија.

Недостигот на масло за јадење во државава беше причина минатиот месец да се ограничи количината која едно лице може да ја купи во маркет и ваквата  одлука важи до 31 мај.  Причината за ова министерот Бектеши тогаш ја наведе во тоа што граѓаните трупале непотребни залихи, а и граѓани од регионот купувале количини на зејтин од кај нас.