Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“ ги повикува сите заинтересирани студенти на филмските универзитети во земјава, основци и средношколци, филмски аматери и ентузијасти да се пријават за учество на најголемиот светски натпревар за правење кратки филмови во живо на тема „Еколошко размислување“.

-Натпреварот ќе биде отворен во Унгарија, на Универзитет во Печ, Сексзард. Учесниците на натпреварот имаат само еден ден, 24 часа, да го снимат својот филм од 60 секунди. Целта е да се подигне свеста за промените што сите треба да ги правиме на дневна основа во нашите навики за консумирање. Пријавувањето може да се направи до почетокот на натпреварот на официјалната веб-страна на програмата, информираат од Меѓународниот фестивал за филмови

Почеток на натпреварот за снимање филмови започнува в сабота, 14 мај 2022 година.

-Забрането е претходно снимање на филмот. Во случај да има дијалог во филмот, тој мора да биде титлуван на англиски јазик. Филмовите треба да се прикачат на ЈуТуб. Сите информации дадени во моментот на регистрација, плус линкот на ЈуТјуб ќе треба да се испратат по електронска пошта на официјалната адреса [email protected]. Најдобрите ќе добијат парична награда во износ од 5000 американски долари, како и дополнителни непарични награди, се вели во соопштението.

 

Конкурсот на интернет е отворен за сите заинтересирани, без партиципација, без старосни и технички ограничувања. Филмовите може да се направат со дигитална камера, мобилен телефон или која било направа за снимање. За време на постпродукцијата може да се користат сите соодветни програми.

Краен рок за прикачување на филмовите е недела, 15 мај 2022 година и филмовите ќе ги оценува професионално жири. Весна Ристовска од „Мобил фестивал“ од Македонија ќе биде дел од меѓународното жири. Организатори на овој натпревар се Универзитет во Печ, Факултет за културни науки, образование и регионален развој (Сексзард, Унгарија), HATV (САД, Њујорк) и Pixeltv.hu (Унгарија). ки/лв/

 

Скопје, 10 мај 2022 (МИА)