Од денес, 11 мај, од 09:00 часот започна аплицирањето за бескаматниот кредит за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза. Јавниот повик за оваа кредитна линија беше објавен на 5 мај 2022 година.

Кредитната линија е наменета за микро, мали и средни претпријатија, трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Република Северна Македонија. Компаниите треба да бидат во приватна сопственост и на листата на прифатливи класи на дејности за кредитирање, објавена во јавниот повик.Минималниот износ е 185.000 денари, додека максималниот износ на кредит е 3.000.000 денари. Кредитот ќе има рок на отплата од 12 и од 18 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци и во двата случаи.

За корисниците на оваа кредитна линија предвидена е грант компонента од 10 проценти за субјектите кои ќе користат рок на отплата од 18 месеци, односно 20 проценти за субјектите кои ќе користат рок на отплата од 12 месеци.

Поднесувањето на кредитните барања ќе се одвива по електронски пат на е-маил адресата [email protected], почнувајќи од денес, 11.05.2022 година од 09:00 часот до 26.05.2022 година до 09:00 часот.