Само трите најголеми банки, Комерцијална банка, НЛБ банка и Стопанска банка Скопје, оствариле профит од над 125 милиони евра во минатата 2021 година. Тоа е повеќе од профитот на сите тринаесет банки во Македонија во 2020 година, кога вкупно изнесувал околу 118 милиони евра. Како е тоа можно, од каде доаѓаат овие енормни, историски профити на банките, што значат тие и кој го дозволува тоа?
Комоцијата во банкарскиот сектор како монопол и заштитата на банкарското лоби во Македонија се огромни. Заработката на банките односно нето каматната маржа се гледа преку разликата на каматните стапки на кредити (продажна цена на парите) и депозити (набавна цена на парите). Како во никој друг бизнис, таа заработка на банките во Македонија е енормна, односно се движи од 300 до 500 отсто во однос на набавната цена на парите. Според официјалните податоци на Народна банка за првите три квартали во 2021 година, оваа заработка на банките во Македонија била 370 отсто во однос на набавната цена на парите односно 3,7 отсто нето каматна маржа. Во Европската унија, просекот од нето каматните маржи на сите банки во 2021 година бил 1,2 отсто и се движел од 0,8 отсто во Данска до 3,1 отсто во Унгарија.
Заклучокот е дека во Македонија банките имаат три пати поголема релативна заработувачка (профит) споредено со банките од Европската унија, во просек. Истовремено, релативната заработувачка на македонските банки е поголема од релативната заработувачка на банките во секоја земја од ЕУ поединечно.
Од друга страна, македонските банки плаќаат многукратно помалку за осигурување на депозитите на граѓаните во банките, пари од кои тие заработуваат. Управниот одбор на Фондот за осигурување на депозити, каде се уплаќа осигурувањето за депозитите, донел одлука банките да плаќаат годишно само 0,25 отсто од вкупните депозити само од населението, додека законската максимална стапка изнесува речиси три пати повеќе односно 0,70 отсто годишно. Сегашната годишна уплата на вкупната премија на банките во Фондот за осигурување на депозити изнесува околу 12 милиони евра. Меѓутоа, ако се земе во предвид дека вкупните депозити на граѓаните и фирмите во Македонија изнесуваат околу 7,6 милијарди евра, премијата што банките, всушност, треба да ја плаќаат годишно врз основа на 0,70 отсто законската стапка од целокупната депозитна база изнесува околу 53 милиони евра. Со тоа, банките заштедуваат односно заработуваат на свое конто дополнителни 41 милиони евра, на штета на имателите на депозити во нив.
Само по овие две основи, банките во Македонија земаат од граѓаните и фирмите 70-80 милиони евра годишно повеќе бидејќи се оставени да прават што сакаат и како сакаат. Две државни институции, Народна банка и Фондот за осигурување на депозити, наместо да ги заштитат граѓаните и фирмите, односно јавниот интерес, тие ги штитат и работат исклучиво во интерес на астрономските профити на банките, а на штета на корисниците на банкарските услуги. И сето тоа се случува во Македонија како една од најсиромашните земји на Европскиот континент, каде бруто домашниот производ по глава на жител е околу 5.000 евра и истиот е околу шест пати помал од просекот во Европската унија каде изнесува околу 30.000 евра по глава на жител.
Што прави регулаторот Народна банка!? Наместо да делува во економијата и да ги намали три пати повисоките каматни маржи на македонските банки од оние што ги имаат банките во далеку побогатата Европска унија, тие работат во сојуз со банките за да растат нивните профити до бескрај, а народот да осиромашува се повеќе. Додека Фондот за осигурување на депозити им опростува на банките огромна милионска сума за осигурување на депозитите само со одлука на нивниот Управен одбор и со тоа им нанесува ненадоместлива штета на сите депоненти во македонските банки.
Денешната битка пред која се исправени оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка е токму таа, граѓаните наспроти профитерите. Тоа е суштината на битката. Само навидум ова е битка за оштетените од Еуростандард банка. Не, ова е многу поширока битка, битка против неправдата, битка против профитерството што се прави преку грбот на граѓаните и фирмите.
Грабежот кон обичниот народ мора да престане. Во таа битка, ние од Здружението „Правда за штедачи“, сме убедени дека ќе ја победиме неправдата, за нас и за сите останати наши сограѓани сега и во иднина.