„ПАРИ” АНАЛИЗА | Есента 2021 година ќе биде запаметана по енормниот скок на цените на електричната енергија, и според сите предвидувања, високи цените и понатаму ќе се задржат. Растот на цените на берзите го запали алармот за зголемување на домашното производство на секаков можен начин. Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) пак, испорачуваа струја по веќе договрена цена со што домаќинствата не беа изложени на есенскиот шок. Корекција се направи од 1 јануари 2022 година, но не по реален износ, туку се утврди помал раст на цената, за да се заштити населението и малите фирми-потрошувачи.
Во вакви услови, како што покажуваат податоците на БизнисМрежа.мк, државната компанија ЕСМ ја заврши 2021 година со катастрофален минус од 28 милиони евра! Претходната 2020 година, минусот беше 16,7 милиони евра. Интересна коинциденција е што „ЕВН АД Скопје“ ја завршила минатата година со добивка токму од 28 милиони евра. Во 2020 година пак, нејзината добивка била 29,5 милиони евра.
Високонапонската мрежа е во рацете на државната компанија „Македонски електропреносен систем оператор“ (МЕПСО), а податоците покажуваат дека минатата година успеала да оствари добивка од 950.000 евра, откако во 2020 година заглавила во минус од 5,8 милиони евра.
Токму, поранешниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани, лани откри дека во енергетиката се случуват сериозни проблеми, дека трговците со струја еднострано ги откажуваат договорите, или спротивно на правилата бараат повисоки цени, затоа што одеднаш цената на струјата скокна 3 пати и е многу над онаа која ја пишува во договорите меѓу нив и корисниците кои мора да бидат на отворениот пазар на струја. Така, се јави вештачки недостиг на струја и МЕПСО влечеше струја од Европската енергетска мрежа, за што добиваше секојдневни предупредувања, затоа што на таков начин струја може да се влече само во случај на некоја сериозна хаварија, при што, таканаречена „хаварисана струја“ е поскапа и за 50 отсто од онаа на отворениот пазар. За незаконското повлекување на струја во октомври, МЕПСО доби фактура од 16,5 милиони евра. Но, МЕПСО од државната каса за решавање на енергетската криза доби повеќе од 16 милиони евра.
Без пари не остана ни државната ЕСМ, на која до февруари годинава, за справување со енeргетскатa и топлинската криза ( поради тоа што привремено, кризно, го презеде управувањето со БЕГ), како што обелодени министерот за економија Крешни Бектеши и беа префрлени 170 милиони евра (но поголем дел влегоа годинава). На ЕВН пак, и се дозволи фактурите за декември и јануари за купена струја од ЕСМ, да ги плати во јули годинава.
Во ваков енергетски амбиент и со голема помош од државата, крајниот епилог за финансиската состојба на енергетските компании во 2021 година е следниот:
КОМПАНИЈА | ПРИХОД 2021 | РАСХОД 2021 | НЕТО-ДОБИВКА/ЗАГУБА |
---|---|---|---|
ЕСМ | 259,4 милиони евра | 212 милиони евра | – 28 милиони евра |
МЕПСО | 132 милиони евра | 129 милиони евра | 950 илјади евра |
ЕВН Македонија | 77 милиони евра | 46,6 милиони евра | +28 милиони евра |
Споредено со 2020 година, полоши резултати во 2021 година покажале ЕСМ (зголемена загуба за 67 проценти) и „ЕВН Македонија“ намалена добивка за 5,17 %, додека МЕПСО минусот од 5,8 милиони евра во 2020 година успеал да го трансформира во скрoмен плус од 950 илјади евра во 2021 година.
Енергетските компании, како што објави Регулаторната комисија веќе почнаа да ги поднесуваат своите извештаи и барања за корекција на својот дел од цената на струјата. Нов ценовник, со стари или со променети цени треба да има од 1 јули. Се очекува да се повтори сценариото од поскапувањето од 1 јануари кога пеглањата се случуваа до последен ден. Најголем удел во формирањето на цената има струјата што ЕВН ја купува на тендер за регулираниот пазар, а тоа е всушност струјата од домашното производство која секогаш е поевтина од увезената струја, но прашањето што и овоја пат ќе биде на маса е колку таа струја може да биде поевтина за да не се загрози опстанокот на компанијата, како и колку државата може тоа да го испегла со трансфер на пари до ЕСМ. ЕВН уествува во формирањето на цените преку две свои фирми ќерки „Електродистрибуција“ (управува со дистрибутивната мрежа) и „ЕВН хоум“ кој пак има маржа од 10,47 проценти утврдена на тендер за период од 5 години. Инаку, фирми ќерки на „ЕВН Македонија“ се и „ЕВН снабдување“ (снабдувач со струја на фирми кои се на отворен пазар) и „ЕВН електрани“, која управува со 11 мали хидроцентрали.