Војната во Украина ќе предизвика побавно економско закрепнување од пандемијата

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска денеска ги претстави најновите, априлски, макроекономски проекции на Народната банка, пред меѓународната заедница – дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните институции. На настанот присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Обединетите нации (ООН), Програмата за развој на ООН (УНДП), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Албанија, Унгарија, Словачка, Обединетото Кралство, Бугарија, САД, Холандија, Кина, Австрија, Хрватска, Германија, Словенија, Италија, Франција, Србија, Швајцарија, Шпанија и Косово.

На презентацијата, гувернерката посочи дека војната во Украина предизвика силни ценовни притисоци на меѓународните пазари на примарни производи, како и неизвесност за глобалните економски изгледи. Како мала и отворена економија, којашто е дел од глобалниот трговски и финансиски систем, ние не сме имуни на овие движења и согласно со тоа во најновите проекции е направена надолна ревизија на годинешниот раст, со проекција за раст на БДП од 2,9%, додека очекувањата за годишната инфлација се повисоки, со стапка од 8,8%. Таа посочи дека поради високата неизвесност, проекциите на меѓународните финансиски институции варираат, но главно за оваа година ревизиите за растот се надолни, а за инфлацијата нагорни.

На среден рок се очекува извесна стабилизација на економските показатели. Во однос на ценовните движења, очекувањата се дека инфлацијата би почнала умерено да забавува во втората половина на 2022 година, како резултат на стабилизирање на цените на примарните производи. Веќе следната година значително би забавил ценовниот раст, пред сѐ како резултат на проекциите за пад на цените на енергентите и на храната на светските берзи, од меѓународните финансиски организации. Со тоа, за 2023 година, се очекува дека стапката на инфлација ќе забави и ќе се сведе на 3%. На среден рок, проекцијата е дека инфлацијата ќе се движи околу 2%, во просек.

За 2023 година се очекува раст на домашната економија од 3,6%, во согласност со очекувањата за стабилизирање на кризата и на ценовните притисоци, закрепнување на странската побарувачка и намалување на проблемите со синџирите на снабдување во следната година. На среден рок, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4% во 2024 година.

Проекциите се дека банкарскиот сектор и натаму ќе биде важна поддршка за економијата. За 2022 година се очекува кредитен раст од 7,7%, а со слична динамика би продолжил и во следниот период, односно во периодот 2023 ‒ 2024 година во просек би изнесувал 7,6%. Растот на депозитите во 2022 година би изнесувал 5%, додека во следниот период умерено би забрзал и би достигнал 7,5% во просек во периодот 2023 ‒ 2024 година.