Земјоделците сè уште не знаат дали и колку да посадат индустриска пиперка, бидејќи годинава поради скапото масло, ретко кој ќе прави ајвар. Освен побарувачката, проблем се и ниските откупни цени на ајварката која лани едвај постигнаа просечна откупна цена од 20 денари за килограм. Годинава поради високите цени на ѓубривата, нафтата и репроматеријалите велат дека откупната цена треба да биде барем за 50 отсто повисока од лани. И за зелката и краставиците се очекуваа повисоки откупни цени, но не ги постигнаа. Откупната цена на зелката падна на 6 денари, а на краставиците на 15 денари за килограм.
Земјоделците велат дека се крајно разочарани од ниските откупни цени. Велат дека поради зголемените трошоци производствената цена на зелката изнесува 10 денари, а на краставиците 25 денари за килограм, но се откупуваат по далеку пониски цени.
-Не знаеме дали и колкава површина да посадиме со индустриска пиперка. Домаќинствата нема да прават ајвар поради високите цени на маслото за јадење, а преработувачката индустрија ни ја откупува по многу ниски цени. И лани потребите на домаќинствата за ајварка беа намалени, а индустријата ја откупуваше по цена од 10 до 15 денари за килограм. Секоја цена под 20 денари е неисплатлива за индустриска пиперка, вели за ВЕЧЕР, Ристо Велков, претседател на Здружението „Агросојуз“ од Струмица.
Земјоделците велат дека за корнишоните имаат склучено договори и договорени цени, но не и за индустриската пиперка. Поради тоа стравуваат дека оваа година ќе биде проблематична. Од една страна се лошите прогнози во однос на нејзината продажба за домаќинствата, затоа што кој ќе прави ајвар со вакви цени на маслото за јадење, а од друга страна слабата мотивираност на земјоделците.
Велков вели дека површините ќе бидат многу намалени поради што може индустријата може да остане без суровина.
-Прва класа лани се откупуваше по цена од 30 денари за килограм, а индустријата ја откупуваше по 10 денари. Ако и оваа година останат тие цени тоа ќе биде многу неисплатливо, па затоа се мислиме дали воопшто да ја садиме. Голем дел од земјоделците наместо индустриска пиперка, засадија други земјоделски производи како втора култура, објаснува Велков.
Земјоделците велат дека во однос на лани, значајно се зголемени трошоците за производство, но и дека има голема разлика меѓу цените по кои тие ги продаваат земјоделските производи и онаа до крајниот потрошувач. Трговците пресметуваат многу висока маржа па поради тоа доматите, краставиците и зелката на пазарите се продаваат по многу повисоки цени од оние по кои се откупуваат. Доматите се од 80 до 120 денари, моменталната цена на краставиците е од 35 до 50 денари, а на зелката од 25 до 30 денари за килограм.
Според најавите на економистите, Европа ќе се соочи со дефицит од земјоделски производи, што ќе го поттикне извозот, но постои опасност македонските пазари да останат празни.