Со воведувањето на мобилна апликација Компеј, која овозможува најсовремена технологија за спроведување бесконтактни плаќања со дебитни и кредитни картички издадени од страна на банката, Комерцијална банка АД Скопје всушност е прва банка во Република Македонија што ја обезбедува оваа услуга за своите клиенти, велат од банката.
Компеј (KomPay) е мобилна апликација наменета за физички или правни лица – корисници на Maстеркард платежни картички, кои поседуваат мобилен уред со андроид оперативен систем. Со помош на NFC технологијата за плаќања, мобилната апликација станува „мобилен паричник“ кој ќе им обезбеди на корисниците побрзо и поедноставно плаќање.
Апликацијата нуди можност за дигитализација на неограничен број картички кои ги поседува корисникот, и на тој начин преку својот мобилен уред тој ќе може да врши бесконтактни плаќања на продажни места кои поддржуваат PayPass технологија. Компеј може бесплатно да се преземе преку Google Play Store, а во промотивниот период, почнувајќи од денес до 30 април, корисниците ќе имаат можност бесплатно да дигитализираат до две картички по сопствен избор. По истекот на наведениот период за дигитализирање на картичка ќе се наплатува еднократен надомест од 150 денари по картичка. Пристапот до апликацијата, како и вршењето на плаќањата се спроведува со внесување мобилен ПИН-код, кој го генерира самиот корисник при првото регистрирање на мобилната апликација.
„Едноставноста, брзината и сигурноста се некои од клучните предности на оваа апликација. Преку нејзиното користење се добива можност за спроведување бесконтактни плаќања со мобилниот уред на продажни места ширум светот. На овој начин на корисниците им е овозможено да заштедат време кое може да го искористат за суштински активности“, велат од банката.