Законската минимална саатница во Германија од 1 октомври ќе изнесува 12 евра, одлучи Бундестагот со гласовите на владејачката коалиција на Социјалдемократите, Зелените и Либералите и Левицата.

Членовите на Конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ/ЦСУ) беа воздржани, како и членовите на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).

Во моментов минимумот во Германија е 9,82 евра на час бруто. Таа сума треба да се искачи на 10,45 евра на 1 јули. Во исто време, минималната плата за кратки, таканаречени мини работни места се зголемува од 450 на 520 евра.

Предлог-законот се базираше на тоа што во моментот околу 6,2 милиони вработени работат за саатница помала од 12 евра.

Во кампањата за изборите во септември минатата година, зголемувањето на минималната плата беше едно од главните ветувања на канцеларот Олаф Шолц.

Но, многу пратеници предупредија дека сегашната експлозија на цените ја загрозува егзистенцијата на многу граѓани.

Експертот за социјални прашања на ЦДУ, Херман Грохе ги обвини владејачките партии дека прават какафонија во смирувањето на цените. Тој предупреди дека во случај на дополнително поскапување, повисокиот минимум нема да биде корисен.

Здружението на работодавачи БДА уште порано го критикуваше зголемувањето на минималната плата. „Владата не го почитуваше договорот што го постигнавме во 2015 година, кога беше формирана комисијата за минимална плата“, изјави во петокот за Велт претседателот на БДА Рајнер Дулгер.

Од друга страна, синдикатот ДГБ ги поздрави промените.