Сè повеќе жени во североисточна Македонија се занимаваат со пчеларство, покажуваат податоците на Здружението „Пчела“ од Куманово. Меѓу највозрасните одгледувачи е и Славка Ристовска, која веќе 35 години се занимава со оваа дејност, вели МИА.Нејзиниот пчеларник во кумановското село Облавце има 35 кошници.

„За пчеларство треба љубов, секојдневна грижа за пчелите. Често одам во пчеларникот, што ме исполнува, иако бара сериозна посветеност“, вели пензионерката Ристовска.

Љубовта кон пчеларството ја наследила од баба си. Тогаш, вели таа, сосема поинаку се чувале пчелите, сега се користат нови, современи методи. Покрај, мед, Ристовска како искусен пчелар произведува и други производи, прополис, матичен млеч. Лани, приносот поради лошите временски услови бил понизок и се движел од 10 до 15 килограми мед по кошница. Годинава Ристовска очекува повисоки приноси поради подобрите климатски услови.

„Пчелките се корисни, не се страшни, тие се благодат за нас, за опстанок на човештвото. Побарувачката за мед е зголемена, и за прополис, матична млеч. Луѓето видоа дека вистинскиот мед е корисен, добар за консумирање, за организмот, за стекнување имунитет, особено во вакво време на пандемија“, вели Ристовска, пензионирана медицинска лаборантка од кумановската болница.

За пчеларството е потребна голема љубов, но и време. На Славка ѝ помага синот околу техничките работи во пчеларството. Таа вели дека побарувачката за мед е сè поголема изминативе години. Освен во Куманово, ги пласира своите производи низ целата земја.

Ристовска не е единствената пчеларка од североистокот што се занимава со оваа дејност. Од здружението „Пчела“ Куманово информираат дека интересот и кај жените и кај мажите е сè поголем. Оттаму очекуваат успешна пчеларска година.

„Имавме години што беа екстремно лоши, имаше и кога беа подобри. Оваа година ние пчеларите прво мора да веруваме дека природата ќе ни врати, дека сè што ќе одработиме ќе ни се врати. Затоа се надеваме дека имаше убава пролет, немаше мраз во април, пчелите убаво се развија и сега само очекуваме да имаме можеби најубава година во последниве десет години“, изјави претседателот на здружението, Бобан Стошевски.

Пчеларите од североистокот очекуваат поуспешна година поради добрите временски услови.

„Поради убавата клима во март, особено во април, очекуваме можеби и најдобра година во последните десет години. Пчелните семејства се развиваа постепено, поради поволната клима во пролетта. На сите локации во Куманово имавме солидна овошна паша. Во почетокот на мај во време на цветањето на багремот имавме поволна клима. Иако во Кумановско и немаме премногу багрем, пчелите ја искористија и багремовата паша и направија добра основа за понатамошната ливадска паша“, појаснува Стошевски.

Тој постојано контактира со пчеларите од регионот и поради врнежите кон крајот на мај, очекуваат да продолжи пчелната паша.

Во здружението, покрај бројот на жени пчеларки, расте бројот и на млади пчелари.